Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со конкретни политики и мерки насочени кон младите, со јасна цел да им овозможи подобри услови за живот, полесно решавање на станбеното прашање и поголема финансиска поддршка во текот на образованието, велат од владејачката партија.
- Ќе се реализираат три значајни мерки кои директно одговараат на едни од најголемите предизвици со кои се соочуваат младите, како што е обезбедувањето сопствен дом и студентскиот стандард за време на студирањето.Првата мерка предвидува најмалку 10% од станбената површина во новоизградените станбени објекти да биде наменета за млади брачни парови до 35 години, по цена најмалку 20% пониска од пазарната. Оваа обврска ќе биде регулирана со закон, а градежните компании ќе мора да ја исполнат за да добијат дозвола за градба. Со ова се создава конкретна можност младите брачни парови полесно да дојдат до сопствен стан и да го решат едно од најважните животни прашања, обезбедувањето сопствен дом.
Втората мерка предвидува целосно ослободување од комуналии за младите брачни парови до 35 години кои ќе одлучат да градат сопствена куќа. И оваа мерка ќе биде законски регулирана, а ќе важи на територијата на целата држава. На овој начин значително ќе се намалат почетните трошоци за изградба на сопствен дом, со што младите семејства ќе добијат дополнителна финансиска поддршка и полесна можност да ја реализираат својата животна инвестиција.

Третата мерка е насочена кон студентите и предвидува воведување студентска картичка како дел од апликацијата М-услуги, преку која студентите ќе добијат најмалку 20% пониски цени, не само за топол оброк, туку и за низа други производи и услуги.
- Овие три мерки се дел од определбата на ВМРО-ДПМНЕ да понуди конкретни решенија за реалните потреби на младите, наместо политиката да се сведе на празни ветувања и декларативна поддршка. Нашата цел е младите да имаат услови да формираат семејства, да обезбедат сопствен дом, да се образуваат и да ја градат својата иднина во Македонија. Како ВМРО-ДПМНЕ остануваме посветени на политики кои носат реални придобивки за младите, затоа што тие не се само иднината на државата, туку и нејзин најважен потенцијал денес, се вели во соопштението на партијата.
Со новиот модел, поддршката за студентите нема да се ограничи само на усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата и трошоците за живот, туку ќе се прошири со дополнителни поволности кои ќе им помогнат да ги намалат секојдневните трошоци до 20 проценти.
