Околу 30 услуги од Фондот за здравствено осигурување и десетина од Министерството за внатрешни работи се очекува да бидат достапни на порталот „услуги.гов.мк“, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Тој очекува добар дел од нив да се дигитализирани до крајот на годината. На порталот во моментов се достапни 350 услуги, од кои дел може целосно да се завршат електронски, додека останатите се информативни.

Министерот информираше и за напредокот на Македонија на светската ранг-листа на ОН за развој на е-влада. Земјата се искачила за 16 места и сега е на 68-та позиција, наспроти 84-та во 2024 година. Ова, вели тој, е втор најдобар пласман на земјава во серијата рангирања на Обединетите нации од 2003 година и најдобар пласман од 2010 година, кога се наоѓала на 52. место.
- „Споредено со пред 10 години, 2016 година, кога бевме на 69. место, позицијата на Македонија сите овие 10 години бележеше исклучително лоши резултати. Значи со овогодишниот резултат не само што го подобруваме пласманот од пред две години, туку го надминуваме и најдобриот резултат во последните 16 години“, изјави Андоновски, додавајќи дека споредено со земјите од регионот, земјава има најголем раст на вредноста на индексот од 2024 година до денес.
Со позиционирањето на 68. место, додаде ресорниот министер, Македонија првпат влегува во групата земји со многу високо ниво на развој на е-влада, една е од 11 држави кои преминуваат од високо во многу високо ниво и е меѓу петте европски држави кои го направиле тој чекор во ова издание. Забележан е напредок по сите клучни компоненти што ги оценува извештајот.
- „Оценката на Македонија се зголемила од 70 индексни поени во 2024 година на 78,4 во 2026 година. Оценката за онлајн услугите пораснала од 66 на 74, за телекомуникациската инфраструктура од 75 на 81, а за човечкиот капитал од 70 на 79. Подобрен е и посебниот показател за електронско учество на граѓаните, од 57 на 65, бројки изразени до максималниот износ од 100. Во рамки на онлајн услугите, анализата бележи високи резултати кај институционалната рамка, чија оценка пораснала од 88 на 96 и кај технолошките функционалности, каде оценката се зголемила од 68 индексни поени на 100. Дополнителен напредок е потрбен во испораката на услуги, особено преку воведување повеќе постапки што граѓаните и компаниите ќе можат целосно да ги завршат онлајн“, рече Андоновски.
Индексот на ОН на секои две години со заедничка методологија го оценува развојот на дигиталната влада во 194 земји во светот. Тој ги оценува трите основи на дигиталната влада – онлајн услуги, телекомуникациска инфраструктура и човечки капитал, а дава и посебен показател за електронското учество на граѓаните. За следното мерење во 2028 година, Андоновски очекува земјава да оствари напредок од 20 до 30 места, со подобрување во дигиталната поврзаност, телеинфраструктурата, вештините на граѓаните и користењето на новите дигитални услуги.