Недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување и на нашиот пат кон ЕУ, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања, како и отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и во самиот процес – се дел од димензиите важни за напредокот на државата кон ЕУ, кои ги истакна претседателката Гордана Силјановска-Давкова во обраќањето на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која се дебатира за Извештајот на ЕК за Македонија за 2026 година.
– Ништо досега не нè поколебало да останеме на европскиот пат и ништо нема да нè поколеба. Нашата цел останува иста – полноправно членство во Европската Унија. Ние не бараме привилегии, не бараме посебен третман, не бараме пониски стандарди. Бараме доследна примена на европските правила, принципи и вредности, еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги – рече претседателката.
Според неа, сите заедно, и ние и нашите соседи и нашите европски партнери, мора да сториме нешто за да излеземе од лавиринтот.
– Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост. Во оваа смисла, сакам да посочам дека мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот. Во добра волја, со меѓусебно почитување и реципроцитет, да го употребам говорот на основните конститутивни акти на Европската Унија, да се слушнеме, да се обидеме да се разбереме и кога не се согласуваме, да не се надвикуваме, оти од високите тонови нема да се чујат умните и мудрите. Ги има од двете страни на границата, кај сите соседи, да им дадеме простор да се искажат – нагласи Силјановска-Давкова.
Таа кажа дека од ЕУ очекуваме „како објективен брокер да стави јасно до знаење, преку стриктни правила, дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само како декларација, како за другите, така и за нас“.
За самиот извештај, Силјановска-Давкова наведе дека е добро што не е констатирано уназадување.
– Можеме да кажеме дека е исто така добро што усогласеноста во поглавјата 10 – дигитална трансформација и медиуми и 26 – образование и култура е на повисоко ниво. Има добар напредок во поглавјето 10 – дигитална трансформација и медиуми, во науката и истражувањето и во поглавјето 31 – надворешна, безбедносна и одбранбена политика, најважната за светот, за ЕУ, за Европа и за нас. Посебно е важно високото ниво на усогласеност во поглавјето за заедничка надворешна и безбедносна политика, потенцирам, нешто што сега е хоризонтален услов за напредување во процесот. Меѓутоа, факт е дека ова темпо на констатиран напредок не е доволно за да го одржиме долго одржуваното високо место на усогласеност со правото на ЕУ, споредено со другите земји во регионот – рече претседателката.
И во поглавјата во кои со години сме компаративно понапред, додаде таа, како на пример безбедноста на храната и Царинската унија, сега е констатиран ограничен напредок. Во кластерот „Внатрешен пазар“ усогласеноста останува на исто ниво со години, а напредокот стагнира.
– Од кластерот „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ ќе издвојам дека за мене е извонредно значајно поглавјето за животна средина, кое со години бележи ограничен напредок и само одредено ниво на усогласеност. Клучниот кластер „Темели“, за разлика од минатата година, има напредок, иако ограничен, во областа на правосудството. Меѓутоа, не се констатира напредок, а тоа е важно, во борбата против корупцијата и во јавните набавки. Забележан е ограничен напредок во областа на правдата, слободата и безбедноста, исто така област во која имавме предности, како и во јавната финансиска контрола, а остануваат слабости во некои области на имплементацијата на темелните права. Констатираното ниво на усогласеност сепак можеме да кажеме дека напредува бавно, исто како и напредокот, а некои од препораките се повторуваат – истакна претседателката.
Посебно внимание, според неа, заслужуваат хроничните слабости, како што се недостигот од капацитети, изразен при користењето на средствата од ЕУ, за што сериозно треба да размислиме, потребата од зајакнување на независните тела и координацијата на политиките меѓу институциите, бидејќи државата треба да функционира како систем.
– Значајно е подобрувањето во спроведувањето на Реформската агенда. Видливо е дека напредокот во одредени подрачја во извештајот е резултат на спроведувањето на Реформската агенда, но мислам дека таа не е доволна како механизам за поттикнување на реформите. Како прва земја од регионот што воспостави своја Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, со систем за ажурирање и следење, при објавен извештај за соодносот, нашата работа на реформите комплементарни со пристапувањето во ЕУ може и треба да биде подинамична и посеопфатна, а овие инструменти мора да ги актуализираме – посочи претседателката.
Силјановска-Давкова кажа и дека не треба да нè демотивира фактот што не бевме меѓу четирите земји за кои беа објавени патокази, и покрај постигнатото ниво на усогласеност со правото на ЕУ и со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, оценувајќи дека тоа е спротивно на принципот на заслуги.
– Сакам да ги поздравам иницијативите содржани во овие документи за поефикасно одлучување и постепена интеграција, особено ставот дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат вклучени во преговорите како такви. Очекуваме, или јас очекувам, дека во пристапниот процес ќе се почитува нешто на што се повикуваа сите претходно – зборувам за Преспанскиот договор – и дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на ЕУ кога државата ќе стане членка – истакна претседателката.
Како што посочи, уставните измени не се реформи неопходни според правото на ЕУ. Тие се наметнат услов надвор од правото на ЕУ, но точно е дека се дел од заклучоците.
– Наша задача, како избрани од граѓаните, е да ги браниме државните интереси. Истовремено, се разбира, не смееме да ја заборавиме европската цел и европската агенда. Императив за мене е да го сочуваме капацитетот за реформи и да не ја губиме енергијата на наметнати теми, односно на враќање кон историјата – нагласи Силјановска-Давкова.
Таа истакна дека парламентот, пред сè Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, е местото каде што треба да вложиме максимум напори и да постигнеме консензус за клучните прашања поврзани со нашиот европски пат.
– Не случајно Лисабонскиот договор се именува и како Договор за парламентите. Разликите во мислењата во парламентите се легални, пожелни и демократски. Убедена сум дека Собранието има капацитет за плодотворна дискусија за опциите за политиките на европскиот пат овде и во матичните комисии, вклучувајќи и јавни расправи, надзорни расправи и сите други механизми што ги имате на располагање – заклучи претседателката, пренесува МИА.