Нов инцидент поврзан со долгогодишниот проблем со кравите во Крива Паланка повторно ја вознемири јавноста.
Шеесет и седумгодишна жена од селото Дрење пријавила дека била физички нападната од тројца жители на Крива Паланка – поранешни сопственици на добитокот кој, според достапните информации, во меѓувреме е одземен од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според Министерството за внатрешни работи, настанот бил пријавен на 21 ноември во 9 часот наутро во ОВР Крива Паланка.
„На 21.11.2026 во 09:00 часот во ОВР Крива Паланка, Д.Д. (67) од село Дрење, кривопаланечко, пријавила дека во село Дрење била физички нападната од Г.Ѓ., А.Ѓ. и А.Ѓ. поради недоразбирање околу крави кои правеле штети, при што ѝ нанеле тешки телесни повреди констатирани во Здравствен дом Крива Паланка“, информираат од МВР.
Жената се здобила со тешка телесна повреда – скршеница.
По повод случајот се огласи и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој изрази сериозна загриженост и побара итно постапување од надлежните институции, утврдување на одговорноста и соодветна заштита на граѓаните.
„Според информациите со кои располагаме, пријавените лица се претходните сопственици на добитокот за кој со месеци бараме институционално постапување.
Загриженоста кај граѓаните е огромна. По сите досегашни пријави за напади и закани, јавноста заслужува одговор: зошто овие лица сè уште се на слобода и дали некој ги штити?
Бараме итно постапување од надлежните, утврдување одговорност и заштита на граѓаните. Што уште треба да се случи за луѓето да бидат безбедни?“, прашува градоначалникот.