Според проценката на министерката за образование и наука Весна Јаневска, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) треба да се всели во двете недовршени згради во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2029 година.
Ова го изјави Јаневска во синоќешното интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Иако двете згради со години се изложени на временските влијанија, Јаневска повтори дека стручната анализа покажала дека изградбата може да продолжи.
Сега двете згради ќе бидат на ФИНКИ, а Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФК) ќе се доградува на истата локација каде што сега се наоѓа“ рече Јаневска.
Според министерката, идејното решение веќе им е претставено на идните корисници.
Со предлог-буџетот за 2027 година за доградбата на двете згради се предвидени 29 милиони денари (околу 450 илјади евра). Министерката вели дека тие пари се доволни за почеток на работите, а ако догодина бидат потребни дополнителни средства, тие би можеле да се обезбедат со ребаланс. За завршување на објектите, според неа, би биле потребни околу 18 месеци од почетокот на работите.
Прашана дали е оправдано двете згради да му припаднат на ФИНКИ со оглед на тоа што годинава факултетот запиша помалку студенти, Јаневска рече дека уписната квота е намалена според потребите на пазарот на трудот.
Министерката очекува дека со развојот на вештачката интелигенција ќе расте и потребата од други профили во информатиката, особено од стручњаци за сајбер-безбедност и од аналитичари на податоци.
За Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, покрај надградбата, се разгледуваат реконструкција на постојната спортска сала или изградба на нова. Сè уште е отворено и прашањето дали на таа локација ќе се гради базен, рече министерката.