Свет

Вајдел:Семејства во Бугарија и Романија живеат кралски од германски бенефиции

АфД бара социјална помош за граѓаните на ЕУ дури по пет години работа и познавање германски на ниво Б2

Копретседателката на партијата Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, изјави од говорницата на Бундестагот дека цели семејства во Бугарија и во Романија живеат во луксуз благодарение на социјалните исплати од германската држава.

Изјавата ја даде на 25 ноември, во присуство на канцеларот Фридрих Мерц, за време на расправата за нацрт-буџетот на Германија за 2027 година, кој изнесува 560,9 милијарди евра.

Вајдел го критикуваше германскиот систем за социјална помош. Таа посебно ја доведе во прашање контролата врз исплатата на детските додатоци за деца што живеат надвор од Германија.

„Никој не знае со сигурност дали овие деца воопшто постојат, но во Романија и во Бугарија цели семејства живеат кралски благодарение на бенефициите од Германија “ рече лидерката на АфД.

Според неа, детските додатоци за деца во странство за неколку години се зголемиле десеткратно и веќе надминуваат половина милијарда евра годишно.

Остри критики за социјалната и миграциската политика

Вајдел ја нападна целата социјална и миграциска политика на Владата на Мерц. Според неа, германскиот систем за социјална помош чини повеќе од 50 милијарди евра и трошоците постојано растат. Таа тврди дека речиси две третини од корисниците се од мигрантско потекло.

АфД бара построги гранични контроли, одбивање на нелегалните мигранти и побрзи депортации. Партијата бара и барателите на азил да добиваат помош во натура наместо во пари, како и построги услови за германско државјанство, кое би се добивало најрано по десет години.

Одговор од Букурешт

Романскиот министер за надворешни работи, Дан Некулеску, ги отфрли тврдењата на Вајдел по средбата со претставници на романската заедница во Берлин.

„Ние го отфрламе користењето на романската заедница во Германија за политички цели и обидите за разгорување тензии во нашите општества “ рече Некулеску.

Тој истакна дека околу 70 отсто од Романците во Германија се вработени. Тоа е една од највисоките стапки меѓу граѓаните на ЕУ што живеат таму.

Според Некулеску, економскиот и социјалниот придонес на романската заедница го признаваат и германските власти и работодавачите.

Што велат правилата

Според правилата на ЕУ за координација на системите за социјално осигурување, граѓаните што работат во една земја-членка можат, под одредени услови, да добиваат семејни надоместоци за децата што живеат во друга земја-членка.

Германската федерална агенција за вработување бара, при прекугранични барања, да се достави извод од матичната книга на родените или друг официјален документ со кој се докажува дека детето постои, како и документи за вработувањето на подносителот.

Затоа исплатата на германски детски додаток за деца во Бугарија или во Романија не е спротивна на законот.

Додаток за 254.500 деца во странство

Ова не е првиот напад на Вајдел врз Романците во Германија. Пред само неколку недели таа на социјалната мрежа Икс ги обвини романските мигранти дека го ограбуваат германскиот социјален систем.

Според податоците на Федералната агенција за вработување, во 2025 година на сметки во странство биле префрлени околу 528 милиони евра детски додаток, наспроти 45,7 милиони евра во 2011 година.

Германски детски додаток лани добивале околу 17,57 милиони деца. Од нив, околу 254.500 деца со странско државјанство живееле надвор од Германија, односно околу 1,4 отсто.

Најмногу такви деца има во Полска (112.384) и во Романија (32.459). Најчесто станува збор за семејства во кои родителите работат во Германија, а децата живеат во матичната земја.

Што бара АфД

АфД предлага детскиот додаток за деца во други држави да се приспособува според трошоците за живот во тие држави.

Партијата бара работоспособните граѓани на ЕУ да имаат право на социјална помош дури по најмалку пет години работа од која можат да се издржуваат и со познавање на германскиот јазик на ниво Б2.

Таа сака да спречи и стекнување право на долгорочна социјална поддршка преку минимално платени работни ангажмани, да воведе построги проверки на вистинското место на живеење и да ги ревидира европските правила за слободно движење и за пристап до социјалните системи.

Предлозите предизвикуваат политички судири во Германија. Тие отвораат прашања за злоупотребата на социјалниот систем, но и за правата на граѓаните на ЕУ што легално работат во друга земја-членка. Дел од барањата веќе се доставени до Бундестагот, но засега не се претворени во законски измени.

Најнови вести од: Свет

Порака до 100.000 британски ветерани:  „Подгответе се за војна“

Министерот за одбрана, Вес Стритинг, претходно предупреди дека Британија мора да биде подготвена за војна во рок од илјада дена и дека, заедно со своите партнери, мора „да биде подготвена да се бори и да победи“

Трамп најави нови царини за ЕУ плус 13 земји

Предложените царински стапки вклучуваат: Кина – 20% (со можност да се зголемат до 40%); Виетнам – до 35%; Индија – до 25%; Тајван – до 25%; Јужна Кореја – до 25%; Индонезија – до 25%; Малезија – до 25%; Тајланд – до 25%; Камбоџа – до 25%; и Европската Унија – до 20%.

To top