Македонија

Премиерот Мицкоски денес во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода по повод почетокот на новата учебна година

Во ова и сите други основни и средни училишта во Република Македонија денес, на 1 септември 2025 година започнува новата учебна 2025/2026 година за 245 илјади ученици, односно 177.800 основци и 67.200 средношколци.

По повод почетокот на новата учебна година во сите основни и средни училишта во Република Македонија, денес, на 1 септември 2025 година, во 10 часот претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, придружуван од министерката за образование Весна Јаневска, ќе го го посети основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода. Како што информираа од прес-службата на Владата на Република Македонија, предвидено е потоа премиерот Мицкоски да даде изјава за медиумите.

„Во рамки на учебната 2025-2026 година настава ќе има до 10 јуни, а исклучок ќе бидат матурантите за кои редовните часови ќе траат до 15 мај. Обезбедени се учебници за сите ученици, а за прв пат по седум години ќе има и учебници по странските јазици. Во повеќе училишта условите за настава се значително подобрени, а опфатот на ученици е кренат на повисоко рамниште со ангажирање зголемен број образовни асистенти во основното, но и за прв пат во средното образование. Учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели.“ – изјави министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на вчерашната прес-конференција, посочувајќи дека се очекува повисок квалитет на наставниот процес во споредба со изминатите години.

„Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици. Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, поради примената на нови наставни програми. Обновата на наставните содржини ќе продолжи. За прв пат после седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик.“  – укажа Јаневска, нагласувајќи дека сите учебници се испечатени и над 90 отсто од тиражот е веќе испорачан.

Таа рече дека започнува примената на нов електронски дневник, кој е значително подобар од претходниот и оти наставниците ќе можат да се најават и пополнуваат податоци во секој момент. „Верувам во квалитетите на наставниците и очекувам мотивирани да ја започнат новата учебна година, во која секако, ќе имаат и ново зголемување на платите, онака како што се договоривме пред 1 година, од 7,5 отсто до 10 отсто во зависност од степенот на инфлацијата, за да имаме реален раст без манипулации, како што правеа претходните структури.“ – додаде министерката за образование Јаневска.

Во новата учебна година, обезбедена е поголема поддршка за талентираните ученици, односно целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади. За сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување. – информираше новинската агенција „Нетпрес“.

Најнови вести од: Македонија

Тошковски: Сите лажни пораки за плаќање казни за сообраќајни прекршоци стигнуваат од странски броеви

Сите лажни пораки, кои ги добиваат граѓаните, а кои се однесуваат дека извршиле некаков сообраќаен прекршок за кој треба да платат казна стигнуваат од странски броеви и многу лесно може да се идентификува дека тоа не е Министерството за внатрешни работи

Охрид домаќин на 10. Регионален симпозиум на лаборатории за нафта и нафтени деривати – ОКТА ја потврдува својата улога на регионален енергетски партнер

Повеќе од 70 експерти, претставници на лаборатории, институции, регулаторни тела и компании од повеќе земји од регионот се дел од 10-тиот Регионален симпозиум на лаборатории за нафта и нафтени деривати што се одржува во Охрид, со поддршка на ОКТА АД – Скопје. Јубилејното издание на Симпозиумот ја потврдува неговата растечка улога како значајна регионална платформа за професионална размена на искуства, знаења, современи практики и нови технологии во областа на контролата на квалитетот, лабораториските анализи, регулативата и безбедноста во нафтената индустрија.

Меѓаши: Ниту едно дете не смее да чека инцидент за да биде заштитено, над 8.000 ученици дел од активности за побезбедни училишта

Насилството не може да се решава само кога ќе се случи инцидентот, туку преку навремена превенција, функционални механизми за заштита и активно вклучување на учениците

To top