
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во денешното интервју за МИА, одгварајќи на прашање проблемот со несоодветно возење на електричните тротинети у дали има простор за поинакво делување на МВР, одговори дека самиот тој имал инцидент во кој само што не бил згазен од еден возач на електричен тротинет.
„Сега, пред да влезам кај вас во овие простори, само што не ме згази еден возач на електричен тротинет. Мислам дека беа дечиња, две малолетни лица на тротинет. Прво не смеат две лица да се возат на тротинет, ниту согласно сегашната регулатива. Ниту едното, ниту другото имаа кацига на нив, ниту едното, ниту другото беа обележени. И сега имаме регулатива којашто е поврзана со управување на тротинетите, која за жал не дава резултати. Факт е дека не дава резултати. Но, за промената на регулативата во овој дел, ни треба, навистина, малку подлабински да навлеземе во она што треба да се измени. Да, планирани се измени и во овој дел, усогласување во дел со регулативите коишто се применливи во рамки на Европската Унија. Но, сепак, овде, навистина, не се чувствуваме доволно навлезени во рамки на проблематиката и тој дел не е опфатен во рамки на сегашните законски решенија. Дадовме простор малку подетално да навлеземе во консултација со експерти, во консултација со професорската фела, апликативно да видиме како е сето тоа применето во рамки на одредени земји од ЕУ. И мораме и во оваа насока да ја заостриме регулативата се со цел сите наши граѓани да се чувствуваат побезбедно по македонските улици кога се движат, како ние, така и оние коишто ги управуваат овие тротинети. Инаку, согласно информациите коишто ги имам добиено од страна на доктори кои работат во клиника, дневно имаме најмалку по 5 до 6 операции на скршеници коишто се настанати од паѓање од тротинет. И тоа согласно на она што го имам како информација, најчесто се кршат дланките коишто се тешки за операција, тешки за враќање во првобитна положба. Најчесто говориме за многу млади луѓе, најчесто за малолетници коишто ги управуваат тротинетите, така што ова е навистина една сериозна тема на којашто мораме да се фокусираме во иднина. Да ја подобриме и регулативата, но во едно и имплементација на истата. Ние, обични сме добри за регулатива, но потоа имплементацијата не ни оди …Но и јавната свест да се подигне … На малолетни деца да не им се даваат електрични тротинети. Мораме да сфатиме дека сите ние сме дел од ова општество. Секој од нас е дел од ова општество и секој од нас, освен што има права, има и одговорност. Значи, на малолетник на кој ќе му дадете да вози тротинет, без притоа да му овозможите и кацига и соодветни … Не знам, треба елече да има на него, да речеме, за да го управува тротинетот. Лице под одредена возраст не смее да управува тротинет. Мислам дека беше 14 години. Едноставно, вие како родител му купувате електричен тротинет на лице од 11 години, а ниту му обезбедувате кацига, ниту му давате елече и потоа велите Господ е крив. Едноставно, сите мораме максимално да се фокусираме и да се посветиме на сето она кое значи превенција. И за самите нас, и за нашите дечиња, меѓутоа и за општеството генерално, вели Тошковски во интервјуто за МИА.