
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за МИА потврдува дека во иднина ќе има нови случаи поврзани со криминал и корупција на високи функционери, но исто така посочува и дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава, како и дека за некои од случаите нема исчекор од страна на обвинителството.
– МВР покажа за овие години во рамки на новата Влада дека можело поинаку, дека можело да се поднесе кривична пријава и против висок функционер од која било политичка партија, без разлика дали доаѓа од една, друга или трета, не би сакал да специфицирам, дека можело да се отворат постапки, дека можело да се говори јавно и при тоа со докази и со факти да се потврдат криминали – вели Тошковски.
Како пример го издвојува предметот „Адитив“, кој беше процесуиран и со обвинение од страна на Јавното обвинителство.
– За жал, и покрај тоа што поднесовме огромен број на кривични пријави, како против поранешни министри, директори на институции, кривична пријава беше поднесена и против поранешен премиер, Јавното обвинителство и судовите гледаме дека не постапуваат баш еднакво спрема секој против којшто е поднесена кривична пријава. Останува времето да покаже дали во овој нареден временски период и Јавното обвинителство и судовите ќе се охрабрат да постапуваат во рамки на законски дадените овластувања, со цел да можеме да видиме процесна правда, којашто е нужна да ја испорачаме како институција, но и суштинска правда којашто би требало да ги детектира сите оние кои незаконско работеле во изминатиот период и да овозможи поврат на оние средства што незаконски биле трошени од страна на одредени, без разлика дали се тоа министри, директори или кој било друг тип на функционери во изминатиот период – рече Тошковски.
Според него, за дел од предметите, како оној со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, Обвинителството покажало храброст и одлучност навремено да одговори и веднаш да ги спроведе потребните процесни дејствија. Сепак, посочува дека за дел од предметите за којшто МВР поднеле кривични пријави со голем број докази, нема исчекор.
– Јавно би ја искористил оваа прилика да го прашам Јавното обвинителство до каде е предметот со злоупотреба на полициски овластувања во рамки на работењето на МВР, што беа поврзани со незаконско издавање на оружје. Поднесовме доста добра кривична пријава според информациите што ги имам, издржана со огромен број да докази против поголем број на полициски службеници коишто незаконски постапувале во изминатиот период. Но, за жал, до ден денес не можам да констатирам помрднување во однос на тој конкретен предмет. Ниту сме известени дека е отфрлена кривичната пријава, ниту, пак, сме известени дека истата била сериозно разгледана од страна на Јавното обвинителство и процесуирана со соодветен акт во рамки на нивна надлежност – вели Тошковски.
Во интервјуто министерот за внатрешни работи зборувајќи за трагедијата во Кочани нагласува дека во делот на она што е надлежност на МВР било максимално координирано постапено по сите наредби на Јавното обвинителство.
– Сега останува на судот врз основа на сите собрани и доставени докази до него, да ги преземе сите оние процесни дејствија коишто е потребно да бидат преземени во страна на судот – рече Тошковски.
Во контекст на системските пропусти што беа констатирани во овој случај, министерот за внатрешни работи вели дека нам како на општество и на институциите ќе им треба многу време за се направи драстичен исчекор од она што било.
– За шест месеци, за една година, ние нема да можеме да ги решиме со златно стапче проблемите коишто ги има во оваа држава. Многу години наназад се таложеле – потенцира тој, наведувајќи дека веднаш по несреќата се направени одредени законски измени и промени за да се спречат вакви несреќи во иднина.
Во интервјуто за МИА, министерот за внатрешни работи Тошковски зборува за постапувањето на МВР во делот на пожарите, акциите за сузбивање и заплена на дрога, за проектот „Безбеден град“, за подготовките на МВР за локалните избори 2025 и друго:
Пред да станете министер за внатрешни работи, бевте адвокат, имавте еден поинаков, помирен живот. Се каете ли што станавте министер?
Дека ми е каде каде потешко и од аспект на фамилијарни обврски, и од аспект на работни обврски, и од аспект на личен мој ангажман, ангажман на сите околу мене, тоа е неспорно, но дека оваа работна позиција овозможува да работиш во интерес на своите граѓани, во интерес на својата држава, навистина да помогнеш во рамки на многу процеси, и тоа е исто така, неспорно. Така што, кога би ги вагал овие две работи, дали се каам, сега-засега не, заради тоа што навистина очекувам дека од работата на мојот тим, од работата на Владата, од целокупниот ангажман што го имаме до сега, навистина очекувам многу добри резултати. Очекувам подобрување на животот на македонските граѓани коишто се видливи, а и тоа како ќе бидат видливи во наредниот период од една година, со сите оние промени што ги направивме, со сите оние чекори што ги преземавме. Нашата работа, слободно можам да кажам, посебно е видлива во делот на управните служби. Направивме да имаме една достоинствена постапка при остварување на едно право на граѓаните, како што е да обезбедат лични документи, да обезбедат возачка дозвола, да обезбедат пасош, лична карта. Мислам дека она коешто го наследивме, како хаос и гужви, кршење на врати, непристап до институциите, немање на обрасци итн., македонскиот народ многу добро ја знае целокупната хаотична ситуација која ја имавме во државата поврзана со издавање на лични документи, повеќе, ја немаме. Сега е каде-каде подостоинствен начинот на остварување на ова право на македонските граѓани, а во иднина имаме зацртана една идеја да не застанеме тука, да направиме уште еден чекор напред. Обрасците коишто се произведуваат сега надвор од Македонија, во иднина да се произведуваат тука. Тоа ќе биде еден огромен исчекор. Накратко, напротив благодарен сум за тоа што ја имам оваа можност да направам разлика конкретно во Македонија врз основа на којашто македонските граѓани ќе можат да имаат подобар живот.
Додека ВМРО-ДПМНЕ, партијата од којашто доаѓате, беше во опозиција, но и не само во опозиција, постојно зборуваше за организиран криминал и корупција од претходната влада и од функционери кои многу време претходно беа на власт во нашата држава. Дел од тој криминал се расчисти, но сè уште се вперува прстот кон Обвинителството, но и кон Министерството за внатрешни работи. Може ли во следниот период да очекуваме расчистување и расветлување на нови случаи поврзани со организираниот криминал и корупција?
Апсолутно да. Министерството за внатрешни работи покажа за овие години во рамки на новата Влада дека можело поинаку, дека можело да се поднесе кривична пријава и против висок функционер од која било политичка партија, без разлика дали доаѓа од една, друга или трета, не би сакал да специфицирам, дека можело да се отворат постапки, дека можело да се говори јавно и при тоа со докази и со факти да се потврдат криминали. Од огромни суми, овде само би го издвоил предметот Адитив, којшто за среќа беше поддржан и од страна на Јавното обвинителство и беше процесуиран и со обвинение од страна на ЈО. Но, за жал, и покрај тоа што поднесовме огромен број кривични пријави, како против поранешни министри, директори на институции, кривична пријава беше поднесена и против поранешен премиер, Јавното обвинителство и судовите гледаме дека не постапуваат баш еднакво кон секој еден против којшто е поднесена кривична пријава, посебно кон бившите функционери. Но, останува времето да покаже дали во овој нареден временски период и Јавното обвинителство и судовите ќе се охрабрат да постапуваат во рамки на законски дадените овластувања, се со цел да можеме да видиме процесна правда, којашто е нужна да ја испорачаме како институција, но и суштинска правда којашто би требало да ги детектира сите оние кои незаконско работеле во изминатиот период и да овозможи поврат на оние средства што незаконски биле трошени од страна на одредени, без разлика дали се тоа министри, директори или кој било друг тип на функционери во изминатиот период. Сметам дека сега на потег во делот од предметите е Јавното обвинителство, а во делот од предметите коишто сме ги отвориле и испроцесуирале во изминатиот период за којшто Јавното обвинителство покренало обвинение, на ред е надлежниот орган којшто ги процесуира сите тие постапки, а тоа се судовите.
Дали сметате дека Обвинителството навремено, во една реална временска рамка, ги процесуира случаите што ги доставувате до нив?
Морам да истакнам дека во дел од предметите навистина, Обвинителството покажа храброст и покажа одлучност навремено да одговори и веднаш да ги спроведе оние процесни дејствија коишто требаше да бидат спроведени. Овде би го издвоил, да кажам, оној трагичен случај во Кочани што, но во делот од предметите каде што, како Министерство за внатрешни работи, сме поднеле кривични пријави против поранешни функционери со доста голем број на докази, издржани кривични пријави, навистина… Повеќе од година дена помина за делот од предметите за коишто имаме поднесено кривични пријави со издржани докази. Не гледам никаква информација, ниту пак исчекор од страна на ЈО, што навистина ме загрижува за одредени предмети, особено кои, што се однесуваат на високи функционери од претходниот временски период. Јавно би ја искористил оваа прилика да го запрашам Јавното обвинителство до каде е предметот со злоупотреба на полициски овластувања во рамки на работењето на МВР, коишто беа поврзани со незаконско издавање на оружје. Поднесовме доста добра кривична пријава според информациите што ги имам, издржана со огромен број да докази против поголем број на полициски службеници коишто незаконито постапувале во изминатиот период. Но, за жал, до ден денес не можам да констатирам помрднување во однос на тој конкретен предмет. Ниту сме известени дека е отфрлена кривичната пријава, ниту, пак, сме известени дека истата била сериозно разгледана од страна на Јавното обвинителство и процесуирана со соодветен акт во рамки на нивна надлежност.
Пожарите се сè уште актуелни деновиве. Колку лица се уапсени како осомничени дека подметнале пожари во изминатиот период?
Само за овие четири месеци претходниве, Министерството за внатрешни работи има лишено од слобода над 40-тина лица. За околу 30 од тие лица има поднесено соодветни кривични пријави. Факт е дека најголем дел од пожарите, освен оние што настанале како последица на одредени природни непогоди, се предизвикани од човечки фактор. И во иднина мораме да размислуваме и во насока на заострување на регулативата, која е поврзана со пожарите и давање на итност во рамки на постапувањето спрема оние кои пиромански и лудо се однесуваат и кон животната средина, но неодговорно и спрема сите нас коишто живееме во оваа наша убава Македонија. Бројката од 40 лишени од слобода и над 30 процесуирани сторители на кривично дело предизвикување на општа опасност итн, поврзани со пожарите, навистина не е мала, но, сепак, сметам дека мораме превентивно да делуваме во иднина со заострување на казнената политика во овој дел и давање на приоритет при процесуирањето токму на овој тип на кривични дела, се со цел и превентивно да делуваме спрема овие пиромани. Морам да ја оценам овогодинешната работа, како на Дирекцијата за заштита и спасување, така и на сите територијални противпожарни единици, со сознанието дека таа работа е далеку поразлична, подобра од онаа која што ја видов претходната година. Оваа година, навистина, сме многу поспремни во сооднос со претходната година. Огромна благодарност да упатам до оние општествено одговорни, компании кои помогнаа во рамки на пренамената на оние 40-тина борбени возила коишто ги пренаменивме во територијални противпожарни возила, ја создадовме Македонската интервентна противпожарна единица. Таа навистина се покажа како многу функционална и многу корисна на терен. Да упатам една огромна благодарност до сите пожарникари, вработени во рамки на Министерството за внатрешни работи и секако вработени во Министерството за одбрана, војниците, коишто заедно со полицајците и со пожарникарите и секако со месното население, низ Македонија и тоа како храбро, машки, излегоа да се борат со пожарите. Но оваа година имаше и со што да одговориме, за разлика од претходните години. И наистина можам само да им честитам за нивната пожртвуваност, храброст и во иднина и тоа како треба да работиме на ова поле. И како Влада сме доста посветени и фокусирани на системско поставување на работите, односно, тоа и го најави и премиерот и претходно, работиме на фузирање на оние два закони, коишто ја регулираат работата на Центарот за управување со кризи, од една страна, и работата на Дирекцијата за заштита и спасување, и од аспект на ефикасност и од аспект на целисходност, мислам дека и тоа како е потребно тие две институции да се фузираат во една, за да се зајакнат ресурсите и за да може да имаме едно централизирано тело коешто би можело активно да се бори со сите типови на пожари, особено со сите овие шумски пожари коишто ги имаме. За жал, природата е таква каква што е. Од година на година температурите се повисоки и повисоки. Оваа година имавме многу полоша ситуација, гледано од аспект на сувост односно, влажност на тревната површина која што ја имаме компарирано со лани. Претпоставките на експертите од оваа област се дека од година во година ќе биде се полошо и полошо, се повисоки и повисоки температури не очекуваат така што не можеме да кажеме дека поминало летото и сега можеме да се опуштиме. Не, напротив, треба и тоа како да се фокусираме уште сега, во насока на што поспремни и со позасилен капацитет да го пречекаме летото во 2026 година, се со цел да може подобро да одговориме на сите предизвици.
Министре веќе ја спомнавте трагедијата во Кочани. Тоа е една од најголемите, ако не и најголема трагедија во Северна Македонија. Се случи во ваш мандат. Сметате ли дека направивте се што е можно за расчистување на овој случај?
Апсолутно, најужасната трагедија по мене, која што се случила кога било во Македонија. Од наша страна, од страна на Министерството за внатрешни работи, сметам дека е преземено буквално се што можеше да биде преземено, коешто директно или пак, индиректно е поврзана со оваа ужасна трагедија. Помогнавме и тоа како во делот на транспортирање на сите оние повредени лица коишто ги имавме. Министерството за внатрешни работи навистина, тука покажавме еден силен капацитет во делот на спроведување на сите оние … секоја брза помош која што беше активна како од Кочани до Скопје, така и од Скопје до, не знам, за пример, ќе ги земам Софија или Солун, секаде каде што требаше да бидат транспортирани повредените лица беа потпомогнати од страна на МВР и медицински возила. Навистина тука покажавме дека и покрај она што се случи, имаме капацитет соодветно да одговориме во тој дел. А во делот на она што е надлежност на МВР од аспект на откривање на причините врз основа на она што се случи, од аспект на процесуирање на соодветни кривични постапки, спрема секој еден кој што е како било поврзан, директно или индиректно со предметната ужасна несреќа која што се случи, ужасна трагедија, сметам, дека максимално координирано постапивме по сите оние наредби коишто ги даде Јавното обвинителство. Сето она што беше нужно потребно да се превземе, беше превземено од аспект на разоткривање на случајот, така што, сега останува случајот да се разреши. Колку што сум запознаен, Обвинителството поднесе соодветно обвинение во врска со овој случај, така што сега останува на судот врз основа на сите собрани и доставени докази до него, да ги превземе сито оние процесни дејствија коишто е потребно да бидат превземени во страна на судот.