
Рускиот претседател Владимир Путин ѝ додели руско државјанство на Тара Рид, поранешна помошничка на американскиот претседател Џо Бајден, која го обвини за сексуален напад. Одлуката беше објавена со декрет на официјалната веб-страница на Кремљ синоќа, објави „Киев Индепендент“.
Рид работела како помошничка во канцеларијата на Бајден на почетокот на 1990-тите, кога тој бил сенатор. Во 2020 година, за време на претседателската кампања на Бајден, таа јавно го обвини за сексуално вознемирување кое наводно се случило додека работеле заедно.
Бајден силно ги негираше сите обвинувања во тоа време и никогаш не беше покрената никаква формална постапка против него.
Наведувајќи загриженост за сопствената безбедност во САД, Рид се пресели во Русија во 2023 година и аплицираше за државјанство. Во Русија, таа стана активна во медиумите контролирани од Кремљ, каде што често учествуваше во ширење пропаганда.
За време на еден од нејзините јавни настапи, таа се извини за она што го нарече „агресивен став“ на Америка кон Русија и за поддршката на Вашингтон за Киев под администрацијата на Бајден.
Забрзана постапка за добивање државјанство
Според стандардната постапка, кандидатите за руско државјанство мора да имаат законски престој во земјата најмалку пет години. Сепак, во екот на тотална војна против Украина, Путин воведе исклучоци.
Тој им дозволи на странците и лицата без државјанство да аплицираат за привремен престој од „морални причини“ и ја поедностави постапката за оние кои потпишуваат договор за воена служба со руските вооружени сили.