Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, јасно посочи дека продажбата на „Алта банка“ АД Битола е најдобриот начин да се заштитат имотот и штедните влогови на граѓаните.
По прес-конференцијата посветена на олеснувањата за клиентите на банката, тој откри дека освен веќе одржаните разговори со две домашни банки, во тек се подготовки за средби со уште шест потенцијални инвеститори.
– Нормално, има некои што сами се јавуваат, со кои се остваруваат контакти, а секако сме и проактивни. Тоа го најави и премиерот – рече Славески, одговарајќи на новинарски прашања.
Според него, финансиската вредност на банката не би претставувала сериозен товар дури ни за институции со средна големина.
Гувернерот посебно ја истакна здравата состојба на „Алта банка“ и нејзината локација во регион кој традиционално нуди простор за развој на земјоделието и индустријата.
– Ќе видиме кои се интересите, затоа што станува збор за навистина здрава банка, банка во регион традиционално концентрирана со голем потенцијал за развој на земјоделието и на индустријата – истакна Славески.
Тој нагласи дека Народната банка не може однапред да зборува во името на заинтересираните инвеститори, оставајќи го процесот да ги покаже реалните намери на страните што ќе седнат на маса.