Два пати да си пукаш во нога за помалку од една седмица може само и единствено Али Ахмети. Само пет дена по дегутантниот етноцентричен триумфализам на лидерот на Демократската унија за интеграција по „пописот“ во Брвеница, неговата партија со нов автогол.
„Зелените“ од Мала Речица ги обвинија Владата и ВРЕДИ дека годинава на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје не е примен ниту еден кадет Албанец и тоа, според нив, се случило првпат од основањето на институцијата во 1995 година. Со тоа се нарушувал принципот на правична и соодветна застапеност во согласност со Охридскиот рамковен договор, обвинија пулените на Али.
Арно ама, ако козата лаже, рогот не лаже. Министерството за одбрана промптно реагира и со аргументи го разнесе лажниот наратив на уште полажните интегративци на Ахмети, а во суштина ништо повеќе од тврдокорни националисти. На јавниот оглас за прием на 29 питомци се пријавиле 99 кандидати, од кои само двајца Албанци, по еден Ром и Влав, а останатите 95 Македонци. Од двајцата кандидати од албанска етничка припадност, едниот самиот се откажал од понатамошната постапка, а другиот, по спроведените тестирања, се пласирал на 43. место на ранг-листата, појаснуваат од Министерството.
„Шу праиме сеа“? Еве и тој едниот што отпаднал да бил примен, недостигаат уште шестмина за исполнување на фамозната правична и соодветна застапеност, дури и според последното (фалично) пребројување на населението од 2022 година, кое изброи 24,30 проценти Албанци што живеат во Македонија.
Владата и ВРЕДИ ли се виновни за минорниот интерес за конкурсот меѓу најголемото малцинство во државава? Што не се сетија Ахмети и ДУИ да ги поттикнат младите Албанци да се запишат на Академијата и со тоа да се потврдат како заштитници на албанската кауза, наместо отпосле да се бламираат со обвинувања за нивна обесправеност без никаква основа?
Затоа, пак, со хируршка прецизност се потрудија да ги доурнат преостанатите мостови со мизерниот перформанс во Брвеница зачинет со уште помизерната порака од оној што се беше сликал со книга в рака во воената 2001 година. Почесниот доктор на науки на Државниот универзитет во Тетово и на Европскиот универзитет во Тирана од пред општинската зграда на егзалтираната толпа ќе ѝ дофрли голема „мудрост“ дека Македонија не му припаѓала ниту на Христијан Мицкоски ниту на Бранко Црвенковски, туку на староседелците Албанци?!
„Македонија е татковина на Албанците кои се автохтони и кои не биле угнетувани од никого. Ние сме државотворци и ние сме господари на оваа земја. Тие мора да нè поддржат во овој наш став, толку е јасен за оние кои имаат дилема. Ние преземаме одговорност да ги движиме процесите напред за земјата што ни припаѓа“, порача во неделата навечер Ахмети.
Ептен демократски и интегративно. Како ли мислат каде било да се интегрираат со вакви исклучиви и апла дезинтегративни ставови знаат само екскомандантот и тајфата околу него, кои никако да го надминат времето кога пишуваа коминикеа со изрази од типот „славомакедонски окупатор“. А долго по последните парламентарни избори буквално плачеа да бидат земени во Владата од победничката партија на Македонците…