Дипломатскиот мраз меѓу Вашингтон и Техеран почнува да се топи. Иран покажал подготвеност да влезе во разговори и за прашања поврзани со својата нуклеарна програма што досега беа строго надвор од преговарачката маса, соопштува „Блумберг“ повикувајќи се на анонимен дипломат запознаен со текот на разговорите.
Според информациите, Техеран внимателно ги разгледува предлозите што ги претставил Катар – земјата која настапува како главен посредник. Овие предлози се однесуваат токму на нуклеарните активности што досега беа црвена линија за иранската страна.
Евентуалната подготвеност на Иран да направи отстапки во оваа чувствителна област би можела да отвори вистински простор за значителен напредок и конечно да ги помрдне преговорите од мртвата точка во која се наоѓаа по пропаѓањето на привремениот мировен договор постигнат во јуни.
Иако конечен договор сè уште не е постигнат, сигналите што доаѓаат од Техеран ја зголемуваат можноста за нова дипломатска иницијатива. Ако се потврдат, овој пресврт би можел да го отвори патот кон завршување на војната што со месеци ја држи регионот во напнатост.