Македонија

Ѓорѓиевски: Време е за нова приказна во Скопје

Орце Ѓорѓиевски рече дека во изминатиот мандат биле обновени над 70 километри улици и патишта, изградени нови водоводни и канализациони линии и создадени над 80.000 квадратни метри зелени површини. Нагласи дека со отворањето на пет нови и пет доградени градинки, целосно е укината листата на чекање за згрижување деца во општината.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, одржа отчет за својата четиригодишна работа и ги претстави реализираните проекти, нагласувајќи дека општината доживеала вистинска трансформација.

  • „Четири години заедно ја пишувавме новата приказна на Кисела Вода. Почнавме со многу предизвици, но денес резултатите се видливи насекаде,“ истакна Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека во изминатиот мандат биле обновени над 70 километри улици и патишта, изградени нови водоводни и канализациони линии и создадени над 80.000 квадратни метри зелени површини. Ѓорѓиевски нагласи дека со отворањето на пет нови и пет доградени градинки, целосно е укината листата на чекање за згрижување деца во општината.

Во образованието, според него, биле дигитализирани училиштата, поставени фотоволтаици, а по еден век започнала изградба на ново училиште „Св. Климент Охридски“ во Драчево. Посебен акцент беше ставен и на спортот – 22 нови игралишта, 16 спортско-рекреативни центри, нови спортски сали и реконструкција на салата „Расадник“, како и изградба на затворен базен.

  • „Кисела Вода стана првата целосно дигитална општина во Македонија и дел од меѓународни мрежи за отворена власт и соработка. Во културата повторно отворивме кино и библиотека, а во животната средина исчистивме 246 диви депонии и поставивме систем за мониторинг на воздухот,“ додаде Ѓорѓиевски.

Тој ја промовираше и својата наследничка во општината – Бети Стаменковска Трајковска, за која рече дека ќе ја продолжи започнатата работа во Кисела Вода.

  • „Јас, пак, заедно со вас ја барам поддршката за следниот чекор – Скопје. Главниот град заслужува ренесанса со нова енергија, инвестиции, чист воздух, функционален јавен превоз и културен живот по мерка на граѓаните,“ порача Ѓорѓиевски.

Тој се заблагодари на граѓаните за довербата и додаде дека најдоброто допрва доаѓа.

Најнови вести од: Македонија

Македонија со стабилни девизни резерви, банките со солидна ликвидност

Во својот најнов извештај за нашата земја, меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ ги нагласува кредибилноста и континуитетот на монетарната политика на Народната банка, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Агенцијата оценува дека долгорочната посветеност за одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува важен фактор за макроекономската стабилност.

Ќе дадеме јасна предност на сериозни, добро осмислени и одржливи проекти, рече министерот Сулејмани за Годишните конкурси

Министерот ги повика уметниците, здруженијата, независните културни организации и сите заинтересирани апликанти да ги разгледаат условите на конкурсите и навремено да ги поднесат своите проекти.

Големата еко-акција: 30.000 граѓани засукаа ракави – ќе го чистат Скопје од ѓубре

Околу 30.000 граѓани денеска се приклучија на големата акција за расчистување на Скопје, во рамки на која илјадници сограѓани, заедно со градоначалници, претставници на амбасади, јавни личности, млади и волонтери, со заеднички ангажман придонесоа за почист и поуреден град.

Макстил донираше инструмент за новата лабораторија на ТМФ – современа опрема за идните инженери

Лабораторијата за хемиски анализи на Технолошко-металуршкиот факултет доби X-ray инструмент (XRF), дониран од Макстил и Швајцарска амбасада преку Хелветас, со кој студентите ќе можат практично да го изучуваат составoт на металите.

To top