Македонија

Македонските средношколци со еден златен медал, со два бронзени и со пофалба

Голем успех на 32. Балканска олимпијада по Информатика во Удине

Македонските средношколци информатичари забележаа голем успех на 32. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2025), која се одржа од 25 септември до 1 октомври во Удине, Италија. Тие освоија еден златен медал, два бронзени медала и една олимписка пофалба, информираа од Здружението на информатичари на Македонија.

Тимот на Македонија на овој реномиран меѓународен натпревар во програмирање го сочинуваа учениците Дамјан Давков од Штип, Леонид Цуклев од Гевгелија, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Благојче Павлески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

– Секогаш сум среќен кога целогодишниот труд на нашите натпреварувачи резултира со плод. Дамјан и Леонид се ученици од Математичко-информатичката гимназија во Скопје, кои штотуку запишаа четврта година, а Владимир, како ученик кој само што заврши основно образование, успеа да се пласира на овој повисок натпреварувачки ранг. Со своите медал и резултат, Дамјан застана пред 64 други учесници на Олимпијадата, а Владимир го делеа само 5 поени (од можни 600) од освојување на сребрениот медал. Целогодишниот труд на членовите на Здружението, професорите и на студентите на ФИНКИ во организацијата на натпреварите и на подготовката на најдобрите ученици, е, исто така, валоризиран со овие резултати. Искажувам благодарност до Здружението „Бистри умови“ и до Општина Кочани за поддршката во организирањето на подготовките, како и на компанијата „Сорсикс“, која и сега го поддржа нашето патување во Италија – изјави претседателот на ЗИМ, проф. д-р Миле Јованов.

Покрај овие три, на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година македонските ученици освоија вкупно два златни, два сребрени, четири бронзени медали и четири олимписки пофалници – резултат што е за почит и е надминат од малку поголеми држави од Македонија, велат од македонскиот тим.

Балканската олимпијада по информатика (БОИ) претставува елитен натпревар во програмирање за средношколците од земјите што се наоѓаат на Балканскиот Полуостров или во негова близина. Секоја земја членка на БОИ-заедницата учествува со тим што се состои од четворица натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и од лидер и заменик-лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање алгоритамски задачи во текот на два дена.

Главен организатор на годинашната БОИ беше Националната асоцијација за натпреварувачко програмирање на Италија, со поддршка од италијанската Асоцијација за информатика и автоматско пресметување. На БОИ оваа година учествуваа вкупно 48 најдобри средношколци во областа на компјутерските науки од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Во прилог на тоа, како претставници на земјите гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и 18-мина ученици од Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и од Киргистан. Во оваа силна конкуренција, златниот медал за Македонија го освои Дамјан Давков, додека бронзените медали ги освоија Владимир Грчев и Леонид Цуклев. Четвртиот натпреварувач, Виктор Максимоски, исто така доби признание, олимписка пофалба.

Македонскиот тим за БОИ 2025 беше избран преку целогодишен циклус натпревари, кои редовно се организираат од Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржаа по 36. пат. И оваа година, циклусот натпревари беше реализиран со поддршка од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како и од неколку општествено одговорни компании.

Следната, 33. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026) ќе се одржи идната година, во Црна Гора. Последен настан што им претстои на македонските ученици информатичари до крајот на оваа година е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која ќе се одржи од 24 до 30 октомври, во Ларнака, Кипар.

Текстот е преземен од Вечер. 

Најнови вести од: Македонија

„Основачот на УЧК“ Али Ахмети и „Здружението на косовската УЧК“ се „согласија“: протест „против Хаг“ ќе има и во „Скопје на Албанците“ во декември!

„Претседателот на Демократската унија за интеграција и еден од основачите на “Ослободителната национална армија“ – УЧК Али Ахмети, денес во Приштина беше примен од претставници на Организацијата на воени ветерани на Косово. Двете страни се согласија дека следниот протест против неправдите ќе биде организиран во Скопје, како продолжение на општествената и политичката мобилизација.“ – објави […]

Снимени мечка со две помали мечиња како се шетаат низ Шар планина (ВИДЕО)

Од Националниот парк Шар Планина објавија видео-снимка на нивната фејсбук страница, на која се гледа поголема мечка додека се шета со своите две малечки мечиња. „Видеото што го споделуваме е прекрасен потсетник дека кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да ѝ оставиме простор и да придонесеме […]

Алсат: „Заветот за сојуз“ на Ахмети и ДУИ стана „Скршен завет“, откако Села ги напушти со третина од АА, внесувајќи раскол во опозицијата!

Јавноста постојано ја сметаше како неприродна коалицијата на Алијансата за интеграција со ДУИ, која првично беше формализирана во рамките на Европскиот фронт, а подоцна продолжи во Националната алијанса за интеграција, со оглед на острите линии на анти-ДУИ политиката, што ги развија Зијадин Села и целата АА како партија.“ – нагласува ТВ Алсат во својата редакциска анализа со наслов „Од ‘Завет за сојуз’ до ‘Кршење на заветот’ – се растури коалицијата на Али Ахмети, замина и Зијадин Села со една третина од Алијансата за Албанците“.

Куп пропусти во постоперативниот период во судскиот процес за родилката од Дебар

Во Основниот суд во Струга денеска продолжи судскиот процес за случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар која при породување во Струшката болница остана без три органи. Сослушани беа супервештаците, кои кажаа дека првообвинетиот Мухамед Асани како хирург бил одговорен за царскиот рез и за постоперативната состојба на оштетената, но и покрај влошената здравствена состојба не направил дијагностика и ехо за настанатото крварење што довело до хеморагичен шок, кога непотребно ѝ биле извадени три здрави органи.

Беџети: Ќе има коренити реформи и промени во претседателството на ДУИ и Генералниот совет

„Секако дека ќе има промени во раководството: на позициите потпретседател, секретар, во претседателството. Ќе има промени и кај членовите на Генералниот совет како највисок орган меѓу двата конгреса.“ – изјави Блерим Беџети од ДУИ.

Средба Муцунски-Кос: Потврдена е силната посветеност на Македонија на евроинтеграцискиот пат

Муцунски присуствува на неформалната вечера што за шефовите на дипломатиите на шесте земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата од Западниот Балкан ја организира високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Најнови вести

To top