
„Предвремени парламентарни избори нема да има. Владата функционира стабилно и нема никаква потреба за ново политичко надмудрување. Беким Сали ќе биде прв вицепремиер.“ – посочи Орхан Муртезани, нагласувајќи дека владејачкото мнозинство од 76 пратеници е цврсто и оти е осуден на неуспех секој обид за дестабилизација.
Во врска со најавите за можна реконструкција на владата до крајот на годината Муртезани потврди дека ќе има промени, ако станат градоначалници дел од сегашните министри. „Не е сигурно дали ќе биде реконструкција во вистинска смисла, но одредени промени ќе има. Ќе треба нов министер за животна средина и нов министер за демографија, труд и млади – изјави тој.
Муртезани потврди дека прв вицепремиер ќе биде Беким Сали, сегашен пратеник и поранешен министер за здравство, кој ќе ги преземе надлежностите на Изет Меџити. Муртезани остро го критикуваше говорот на ДУИ. Ја обвини партијата на Али Ахмети за потпалување националистички страсти со цел да се покрие, како што вели, „неспособноста и корупцијата“.
Орхан Муртезани дека нема да го спуштат нивото, иако можеби имаат и морално право пожестоко да одговараат на прозивките и навредите на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Но, вели Муртезани, тоа зборува за тоа кој каков човек е, какви вредности има, колку е демократ и врз основа на тие работи, станува јасно за каков профил на луѓе станува збор.
„Ова намерно се лансира од страна на ДУИ, но тој дискурс веќе неколку пати беше неуспешен. Велеа дека нема да направиме влада, направивме. Потоа дека нема да траеме ни 100 дена, поминаа. Сега зборуваат дека ќе ја соборат владата, но ние продолжуваме да победуваме и да владееме – изјави Муртезани.
„ДУИ 22 години не успеа да направи ниту канализација во своето село. Кога немаат резултати, од конкретни проекти преминуваат во навреди и подгревање на страстите. Ние нема да го спуштиме своето ниво, дури и кога имаме морално право пожестоко да одговориме.“ – истакна Муртезани.
Тој додаде дека ВРЕДИ ќе продолжи со позитивна и развојна кампања, насочена на проекти, буџети и конкретни решенија. На прашањето дали поддршката на ВМРО-ДПМНЕ им помага, или им одмага на кандидатите на Вреди, Муртезани нагласи дека таква соработка имало и во минатото, кога ДУИ била дел од владата со Никола Груевски, а потоа и со СДСМ.
„Ние не правиме ништо, што не е видено досега. Овој начин на соработка е дел од политичката традиција во Македонија.“ – порача министерот Орхан Муртезани.