
Премиерот Христијан Мицкоски од Свечената академија во Прилеп порача дека за да направиме рестарт на системот, потребна е општествена мобилизација.
-И тоа не само мобилизација на политичките елити, туку мислам на длабока мобилизација на сите структури во општеството. Академската средина се подели на „про наши“ и „про нивни“, додека пак МАНУ секогаш за сите прашања е поттурнувана на страна и се водат чудни полемики за проценти на застапеност, за тоа кој бил, а кој не бил академик, наместо за проценти на искористеност на нивните знаења и искуства. Има многу прашања за кои не се прашани, но и тие некако автоцензурирачки и задоцнето реагираат. Имам чувство дека престана да се комуницира со младите кои си создадоа свој микросвет, поразличен од нашиот. Одиме заедно низ процесите, но сепак, на крај, различно зборуваме. Затоа е потребен дијалог. И кога ќе речам дијалог, најмалку мислам на она што најпрво ви поаѓа на ум – покана за лидерска средба со опозицијата, што завршува во сала за состаноци, заедничка фотографија, милион прашања, а малку одговори и изјави во кои се тркаме кој ќе биде помудриот. Туку овој пат говорам за суштински дијалог за сите општествени фактори важни за државата – академската средина, професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред, истакна премиерот.
Мицкоски порача дека е подготвен да го поведе тој процес и да се обединиме околу платформа, не политичка или само економска, туку општествена, за целите што сакаме да ги постигнеме како држава и патот кон тие цели.
-Дијалог што ќе биде заснован на принципи, околу кои треба да се обединат Македонци и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати, Христијани и Муслимани, стари и млади, затоа што покрај сите наши разлики Македонија е само една и таа останува да биде наша татковина, а ние сите заедно немаме време повеќе за губење, посочи тој.
Премиерот истакна дека сите мора да работиме за остварување на нашите стратешки цели.
-Ако тие ги релативизираме или се откажеме од нив, тогаш остануваме без цел и без сонот на генерации Македонци што го имаа при прогласувањето на независноста. А сонот тогаш и денес беше да станеме интегриран дел од семејството на Европската Унија. Патот до таму знам дека е полн со нечесни удари, откажувања и игри, но ние имаме опција – или да се откажеме и да плачеме над својата судбина или да се бориме и на крајот да успееме. Во тој контекст е и битката на Илинденците и Партизаните била слична. Тие можеле да се откажат и да имаат и подобар или можеби еднократно поудобен живот, но знаеле за што се работи и дека, впрочем, секоја генерација го презема товарот на следната и дека мора да се борат. И денес, кога работите се неправедни и тешки, кога има такви од опозицијата што заговараат да се откажеме од преговори. Добро, ајде да го прифатиме и тоа, но истите мора да кажат која е алтернативата на тоа откажување за државата и за сите нејзини поколенија и дали имаме право да го прекинеме сонот во кој веруваме. Има и такви што ќе речат дека не е фер патот до ЕУ. Кога се формираше целта за членството во Европската Унија, никој нам не ни ветуваше фер игра, напротив, судбината на помалку бројните народи и помалите држави во голема мера зависеше од игрите на побројните народи и поголемите држави. Нашата умешност мора да биде да ги реализираме нашите цели низ еден таков контекст на работите. И секогаш мора да има план А и план Б, но целта останува иста, рече тој.
Мицкоски посочи дека нашата огромна пречка на патот кон ЕУ е прашањето со нашиот источен сосед и т.н. францускиот предлог што претходната влада сама го прифати.
-Сега тоа е пречката што мора да се отстрани. Но да не заборавиме и на едно огромно лицемерие што се гледа во тоа што истите што нè убедуваа дека нема подобар од тој предлог и дека идентитетот се штити, сега се обидуваат преку политички маневар да цртаат некакви црвени линии што треба да нè заштитат од предлогот кој што игнорантски, себично, самите го прифатија без да ги прашаат тогашната опозиција и граѓаните. Да не навлегувам пак во овој момент во скриените мотиви за вакви прашања да се отвораат во овој момент и историјата на отстапки кон нашиот источен сосед, за која сум убеден дека времето ќе ми потврди согласно досегашното искуство на актерите. Главниот страв и грижа кај граѓаните е околу клучното прашање – дали ќе биде ова последната отстапка и дали со прифаќањето на овој предлог ќе се заврши со серијата отстапки што во континуитет се прават на штета на националните и државните интереси. И овој народ, посебно македонцкиот народ има право да биде загрижен. Затоа што од пред 25 години кога го почнавме овој пат да го одиме кон полноправно членство во ЕУ, отстапките се секогаш над грбот на македонскиот народ и Македонија како држава, рече премиерот.
Тој посочи дека од друга страна, никој нема право да очекува дека Владата која тој ја предводи ќе го прифати тој т.н. француски предлог со отворени раце и дека без било каква испорака од страна на нашиот источен сосед и ЕУ, тоа ќе биде исорачано. Јасно порача дека тоа нема да се случи.
-Мораме да го искористиме овој ден да испратиме јасна политичка порака: ДА за членство во ЕУ. Свесни сме дека тој пат за нас не беше фер и нема да биде фер. Но НЕ за билатерални услови и ДА за гаранции од Европскиот Совет, кој што мора ако навистина сака да ја види оваа мала земја која во историјата многу пати покажала дека местото и е заедно со нив во заедницата на европските народи. Да испратат еден заклучок уште на следниот Европски Совет во кој јасно ќе кажат дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, дека никој од тие 27 членки нема проблем со македонскиот јазик кодифициран пред 80 години и дека никој нема проблем од нив со повеќевековната македонска култура, традиција, обичаи на кои се основа и темели македонскиот идентитет. Да речат доста е, нема повеќе вето и препреки поради билатералните прашања, порача Мицкоски.
Порача дека нашиот источен сосед, Бугарја, мора да покаже европска зрелост.
-Да покаже вистински европски вредности, да го почитува само тоа кое што го потпишале, а тоа е меѓународното право. Мешународното право вели дека пресудите од Судот за човекови права во Стразбур треба да се имплементираат и спроведат. Конечно, Македонците во Западна Бугарија, во Пиринскиот дел од Македонија да го добијат тоа што го заслужуваат. Да успеат да се здружат во заедница, а потоа да номинираат свој претставник во министерскиот совет за малцински права при бугарската Влада. Тоа се црвените линии, јасно порача премиерот.
Истакна дека во битката е заедно со народот до остварување на конечната цел.
-И знам дека им пречам на нашите противници и затоа сум предмет на кампања полна со лаги и клевети, затоа што тие живеат на грбот на народот и државата, а ние за татковината и народот. И морам да ви кажам, да признаам, најважно од сè ми е да бидам чесен и искрен кон народот и да останам со неизвалкан образ. И нема цена што може тоа да го смени или сила што ќе ме натера да донесам погрешна одлука кога во прашање е македонскиот народ и мојата татковина. Секогаш има план Б, кој ќе значи заштита на сè она во што веруваме, и знам дека никогаш нема да ве разочарам. Во оваа битка сме заедно, ќе продолжиме да бидеме заедно до остварување на нашата заедничка цел, порача премиерот Мицкоски.