Спорт

Македонија не победи кога беше најпотребно, само бод со Казахстан

„Црвено-жолтите“ одиграа 1:1 со отпишаниот гостин и ѝ го предадоа врвот на табелата на Белгија, која славеше во Велс со 4:2

Само реми 1:1 со отпишаниот Казахстан пред дваесетина илјади гледачи на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје наместо очекуваната победа над противникот што го совлада на негов терен и фудбалската репрезентација на Македонија се оддалечи од Светското првенство 2026.

Сега е потребна победа во последното коло во Кардиф над Велс, кој загуби дома со 4:2 од Белгија, за да се продолжи мундијалскиот сон барем преку баражот, откако „црвено-жолтите“ се симнаа од врвот на второто место со 13 бода, еден помалку од Белгијците и три повеќе од Велшаните.

Но, и Белгија, и Велс имаат натпревар помалку, така што на македонските фудбалери ќе им треба и многу среќа во ноември за да стигнат до уште еден плејоф преку квалификациите, бидејќи топ-фаворитот Белгија е во пол-позиција за директен пласман.

Наспроти очекувањата, Казахстанците беа тие што диктираа темпо во првото полувреме, во почетокот на второто дури и поведоа преку Караман во 54. минута, по што избраниците на селекторот Благоја Милевски конечно се тргнаа од летаргијата и тргнаа по пресврт.

Него го најави капитенот Енис Барди со маестрален погодок од слободен удар од триесетина метри во 74. минута, но и покрај силниот притисок, поседот на топка од 69 проценти и 12. удари на голот наспроти само трите на противникот (вклучувајќи го водечкиот погодок), до тоа не дојде.

Најнови вести од: Спорт

To top