
Санае Такаичи ќе стане првата жена премиер на Јапонија откако парламентот ја изгласа денеска. Ова е историски момент за Јапонија, земја каде што политиката и бизнисот традиционално се доминирани од постари мажи, објави Си-Ен-Ен.
Претходно јапонската влада, предводена од премиерот Шигеру Ишиба, поднесе оставка пред парламентарното гласање за нов премиер.
„Кабинетот на Ишиба поднесува оставка пред парламентарното гласање за избор на следниот премиер на Јапонија“, се вели во соопштението.
Aгенцијата Кјодо објави дека владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) и опозициската Партија за иновации на Јапонија се согласиле да соработуваат, што овозможи лидерката на ЛДП, Санае Такаичи, да биде избрана за нов премиер.
Такаичи ја презема функцијата во време кога Јапонија се справува со растечки економски проблеми и политички поделби, а сето тоа доаѓа само неколку дена пред планираната посета на американскиот претседател Доналд Трамп.
Справувањето со високите цени ќе биде еден од нејзините први предизвици; на пример, цената на оризот, основна намирница во Јапонија, речиси се дуплираше од минатата година.
Тука е и долгогодишниот проблем со опаѓање на наталитетот, намалување на работната сила и стареење на населението. Во исто време, јавното незадоволство од масовната имиграција расте, додека ненадејните царини на администрацијата на Трамп претходно оваа година ги потресоа азиските економии.
Нејзините длабоко конзервативни ставови ги загрижија некои членови на центристичката партија. Такаичи поддржува ревизија на пацифистичкиот устав на Јапонија и често посетува контроверзно воено светилиште каде што се чуваат имињата на осудените за воени злосторства за време на Втората светска војна.
Таа, исто така, се спротивставува на истополовите бракови и на движењето за да им се дозволи на брачните парови да користат различни презимиња.
Такаичи е обожавател на хеви метал и свири тапани за да го намали стресот.