Македонија

Нека внимаваат што посакуваат, може и да им се оствари – Мицкоски со порака до опозицијата

Нема пресметка во која тие би победиле на било каков начин. Тоа покажува дека сè уште не научиле ниту една лекција

Нашата опозиција, која доживеа историски дебакл, ја слушам како се храбри, па дури и прави пресметки околу пратенички места. Сфаќам дека се наоѓаат во тежок изборен нокаут од народот, но со нереални математики само дополнително го иритираат, вели премиерот Христијан Мицкоски.

-Она што е интересно е што дури и во нивните анализи тие кажуваат дека убедливо ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаа јасна и чиста победа. Нема пресметка во која тие би победиле на било каков начин. Тоа покажува дека сè уште не научиле ниту една лекција, што во извесна мера е и потценување на сопствениот народ и гласачи. И сето тоа во извесна мера е и обид да создаде алиби за својот дебакл. Да го задржат лидерството од бранот незадоволство на членовите на таа партија. Овој бран на огромна поддршка за нас и ваква разлика со конкурентите е огромна одговорност за нас, и ние ќе работиме да ја оправдаме довербата.
А на опозицијата ќе им оставаме време да се консолидираат и да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои да бидам директен јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план, рече премиерот.

Мицкоски истакна дека веселата математика на опозицијата и оваа упорност со надмудрување и создавање на вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор.

-Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари. Последните избори испратија порака и до нивниот коалиционен партнер – ДУИ. Тие добија порака од народот и Албанците дека доста беше политиканство и злоупотреба на етничките теми за лични интереси и богатење. И овој резултат се случи затоа што тие не разбраа дека додека се занимаваат со орли, јастреби и зајци, народот е уморен од чекање за подобар живот- живот што граѓаните 20 години не го добија со таа политичка партија. Го чув и нивното барање за предвремени парламентарни избори. Тие се надеваат на тоа за да се спречи падот што евидентно го имаат, а таа удолница што ја фатија е поголема од онаа што се оди од Стража кон Зајас. Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партенри треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако тоа е така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата нив и Али од Зајас, кои сакаат да го заменат, посочи премиерот.

Порача дека не треба луѓето да се третираат како контингенти гласови кои може човек да ги насочи.

-И тоа е погрешно. Луѓето треба да се третираат како луѓе со човечки судбини кои сакаат подобар живот и кои треба да гласаат по сопствено убедување. Сакам да кажам дека ниту еден од нас не ги има гласовите во својот џеб и дека поддршката треба да се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност и разлики. Се поинаку од ова сметам дека е погрешно. Во тој контекст, треба да се прифати дека поедини градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволат да ја изневерат. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата, рече тој.

Мицкоски посочи дека нашата земја е создадена врз идејата за заедништво.

-Тоа е нејзината најголема сила и најголема обврска. Нашата татковина е татковина и дом на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други кои ја чувствуваат како своја татковина. Сите тие ја обликуваат како мозаик што свети во својата различност, но и во своето единство.
Нашата задача денес е да го унапредиме тоа единство, да ја градиме довербата меѓу заедниците и да покажеме дека државата е подеднакво мајка за сите свои граѓани. Тоа не се постигнува со зборови, туку со дела. Со еднакви шанси во образованието. Еднаков пристап до институциите. Рамноправност во секојдневниот живот. Само така ќе создадеме општество во кое никој нема да се чувствува заборавен, а секој ќе се чувствува ценет и почитуван. Да не дозволиме некој да нè дели по вера, јазик или етничка припадност, затоа што само заедно можеме да го одржиме мирот, да го изградиме просперитетот и да ја сочуваме иднината на нашата татковина. Зборуваме за Македонија во минатото, за нејзините борци, идеали и победи, но зборуваме и за сегашноста. За предизвиците. За реформите. За секојдневната борба да создадеме подобар систем и подобар живот, рече премиерот Мицкоски.

Рече дека сака денес да размислуваме и да ја планираме нашата задничка иднина, каде што татковината ќе ја препознаеме по редот, работата и напредокот.

-По институциите ќе бидат сервис на граѓаните, а не товар. Во која трудот ќе се вреднува, младите ќе остануваат, а семејствата ќе имаат сигурност и перспектива. Ја гледам како држава што вложува во знаење, во нови технологии и иновации, што создава домашна економија конкурентна на европскиот пазар, што гради современа инфраструктура и чиста животна средина. Земја што не чека да ѝ се случи иднината, туку сама ја создава. Таквата Македонија нема да ја изгради ниту еден човек сам, туку сите заедно – државата, стопанството, науката, семејствата, младите. Таа Македонија треба да биде визија што ќе ги обедини сите генерации: од оние што се бореле за неа, до оние што ќе ја водат во новите времиња. Да создадеме земја што ќе биде пример на стабилност и успех, земја што ќе остане своја и горда, но и современа и европска. Тоа е татковината што ја гледам пред нас – држава што чекори сигурно напред, со глава исправена и со срце насочено кон иднината, порача тој.

Премиерот потенцираше дека силата на државите што се напредни се мери во нивното единство.

-Мене ми е навистина жал што кај нас има фактори кои редовно пропуштаат тоа да го изградат. Така ќе биде и денес, кога ретко каде ќе слушнете честитка од нашите политички противници за Денот на револуционерната борба. Не сфаќајќи дека ВМРО како организација не ни припаѓа само нам, туку на целиот македонски народ, на сите граѓани во Македонија. И таквото нивно однесување потврдува дека ние како политичка сила мора самите да се подобруваме и самите одвнатре да се организираме и одговараме на предизвиците. Во периодот што следи, Владата има една и главна цел, а тоа е битката и борбата за животен стандард и за подобар живот. Сакам да знаете дека никогаш не престанавме со оваа цел и за тоа работевме дури и во периодот на избори, за што вчера од Лондон носам добри вести за нова инвестиција. Потпишавме меморандум за разбирање со американско-британската компанија која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари. Ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места, и ова е само почеток на оваа инвестиција која подоцна ќе се развива и ќе стигне до една милијарда евра.
Ова ќе биде додадена вредност за македонската економија. Не чека многу работа, а наредната година навистина посакувам да биде година на економијата. Година кога народот ќе почувствува повеќе пари во паричникот, а за тоа како Влада ќе сториме се за да се случи. Подобриот живот е битката на нашата генерација, и тоа мораме самите да го обезбедиме со свои сили. Никој тоа нема да го направи за нас од надвор, истакна тој.

 

Најнови вести од: Македонија

Али Ахмети свика за утре седница на Централното претседателство на ДУИ – ќе се анализираат резултатите од изборите

Шефот на „интегративците“ утре ќе го прекине четиридневниот молк по дебаклот, што го доживеаја тој и неговата партија ДУИ и опозициската коалиција Национална алијанса за интеграција. Дали Ахмети и ДУИ ќе го прифатат и ќе го признаат поразот во првиот изборен круг?

Кандидатот на НАИ за градоначалник на Тетово Реџепи објави фотографија со Али Ахмети, „неколку дена по изборите“, пишува „Тетова сот“

Али Ахмети не се појавил лично во јавноста веќе четврти ден, откако заврши првиот круг на локалните избори кога ДУИ и нивната опозициска коалиција Национална алијанса за интеграција доживеаја дебакл.

Се отвораат нови линии – Договор со Обединетото Кралство за авио-сообраќај

Договорот за редовен воздушен сообраќај помеѓу Македонија и Велика Британија се потпиша на иницијатива на Велика Британија и претставува нова правна рамка со која се уредуваат односите во делот на редовниот воздушен сообраќај помеѓу двете земји.

(Фото): Дератизација, чистење и нов систем за собирање отпад – Општина Центар со вонреден еко-план

Општина Центар воведе вонредни мерки за справување со наталожениот смет и зголемената појава на глодари, најавувајќи итна дератизација, поставување нови пунктови за отпад и вклучување на сите општински служби во акција за чистење.

(Видео): Ќе има нови инвестиции и поддршка од Владата, кажа Мицкоски

Ние сме народна партија, партија која што треба да биде слуга на граѓаните на народот. Тоа значи дека нема одмор и треба да се работи секој ден во неделата бидејќи имаме многу да сработиме нема работно време, се почнува рано, се завршува доцна, секогаш треба градоначалникот да биде достапен, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

To top