Хроника

Алармантно: Разбиена меѓународна мрежа на педофили со над 250 членови

При претресите биле пронајдени големи количини дигитален материјал и докази што укажуваат на континуирана размена и дистрибуција преку повеќе платформи, вклучувајќи и делови од „дарк веб“.

Во голема меѓународна акција насочена против онлајн-ширењето на материјали за сексуална злоупотреба на деца, беше разбиена платформа позната како „Кидфликс“, а уапсени се десетици лица во повеќе држави. Според меѓународните истражители, акцијата резултирала со повеќе од 70 уапсени и идентификација на над 1.400 осомничени корисници ширум светот, пишува „Ројтерс“.

Во рамките на истата акција, хрватската полиција соопшти дека е уапсен 29-годишен маж од западниот дел на земјата кој, според сомнежите, ја предводел групата со над 250 членови. Како што објави „Индекс.хр“, осомничениот е товaрен за повеќекратна сексуална злоупотреба на дете, дистрибуција на материјали за сексуална злоупотреба на деца преку апликации со енкрипција „од почеток до крај“ и за повеќекратни дејства на сексуално вознемирување.

Полицијата соопшти дека постои основано сомнение оти осомничениот подолг временски период сексуално злоупотребувал малолетно женско дете, на кое претходно му овозможил пристап до материјали за сексуална злоупотреба. При претресите биле пронајдени големи количини дигитален материјал и докази што укажуваат на континуирана размена и дистрибуција преку повеќе платформи, вклучувајќи и делови од „дарк веб“.

Операцијата ја координирале германските криминалистички служби со поддршка од Европол и партнерски полиции од 35 земји. Заедно работеле на затворање на серверите и корисничките мрежи на платформата „Кидфликс“, која, според извори на „Би-Би-Си“, имала милиони регистрирани корисници и се смета за една од најголемите досега разбиени мрежи од ваков вид.

Хрватските власти наведуваат дека постапката против уапсениот е во тек, дека против него е поднесена кривична пријава и дека истрагата продолжува за да се идентификуваат и заштитат евентуални жртви, како и да се откријат други соучесници. Министерството за внатрешни работи апелира до јавноста да пријавува сомнителни онлајн-активности и потенцијални злоупотреби за да се спречат понатамошни злосторства и да се обезбеди помош за жртвите.

Аналитичари и организации за заштита на деца предупредуваат дека платформите и апликациите со силна енкрипција овозможуваат скриено споделување на материјали и отежнуваат истраги, но дека меѓународната соработка, особено преку Европол, се покажува како клучна во борбата против овие форми на криминал.

Најнови вести од: Хроника

Поранешниот сопруг е осомничениот за убиството на жената (48) во Скопско – уапсен е нејзиниот поранешен сопруг, а задржани се и тројца негови пријатели

Под сомнежи за сторено кривично дело лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели, велат од ОЈО Скопје. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на МВР ноќеска вршеа увид на тешко пристапна шумска локација во близина на селото Летевци, каде што беше пронајдено безживотно тело на жена (48) од Таор, информираат од Обвинителството. Жената била пријавена за исчезната во петокот, по што беа преземени дејствија за нејзино пронаоѓање. Се преземаат дејствија за и целосно расчистување на настанот.

To top