Лукоил денеска соопшти дека прифатил понуда од глобалниот трговец со стоки „Gunvor group“ за купување на неговите имоти во странство, објави Ројтерс.
Втората по големина руска нафтена компанија се обидува да ги продаде своите средства во странство откако Вашингтон воведе санкции врз неа минатата недела.
Планираната продажба на средства е досега најзначајната акција на руска компанија како резултат на западните санкции воведени поради војната во Украина, која започна со целосната инвазија на Русија врз нејзиниот сосед во 2022 година.
Компанијата објави дека добила понуда за купување на LUKOIL International GmbH.
Клучните услови на договорот се претходно договорени од страните.
Лукоил ја прифати понудата, обврзувајќи се да не преговара со други потенцијални купувачи, а компанијата објасни дека продажбата на подружницата била наметната поради санкциите што ги воведоа САД.
„Gunvor“ е меѓународна енергетска компанија чии средства вклучуваат рафинерии за нафта, цевководи, терминали, танкери итн. Регистрирана е на Кипар во 2000 година, со главна трговска канцеларија во Женева, Швајцарија.
Исто така, има канцеларии во Сингапур, Хјустон, Стемфорд, Лондон, Калгари и Дубаи.
Работи во над 100 земји. Моментално е четвртиот најголем трговец со сурова нафта во светот поGlencore, Vitol и Trafigura.
Денес, „Gunvor“ го набавува поголемиот дел од својата сурова нафта од Северна и Јужна Америка. Компанијата тврди дека не работи со руска нафта во согласност со меѓународните прописи.