Колумни

Треба долгорочно да се преосмисли натамошното чекорење по европскиот пат и каква Македонија мораме да им оставиме на идните поколенија

Република Македонија „прослави“ вчера, на 9 ноември, неславен јубилеј: изминаа 20 години од престојувањето во „еврочекалницата, откако истиот ден во 1995 година ЕУ ја донесе својата одлука да и додели статус како земја-кандидатска зе евроинтегрирање.

Пишува: Свето Тоевски

Во овие две децении Македонија доби десеттина позитивни препораки, ама и десеттици вета и блокади од Грција и Бугарија, се соочи македонската држава со тешкото лицемерие на Брисел и неговите еврочелници, со двојните аршини и стандарди, со внесувањето на билатералните прашања во евроинтегративниот процес… Се судривме и со правото на посилниот, со правото на Бугарија и Грција дека имаат „посилни европски мускули“ одошто Македонија, само затоа што се членки на ЕУ, небаре е таа некаква „европска џунгла“, а не цивилизациски клуб со демократски вредности и владеење на правото на еднаквоста. Во почетните години еврокандидатката Македонија беше прогласувана напати и како „регионален лидер“ во реформите, како „ѕвезда на балканското небо“, се само да ја направи оваа, па онаа отстапка, да го смени знамето од Кутлеш, па името, па… Од „лидери“ и „ѕвезди“ станавме „балкански евросираци“, зашто ЕУ се претвори, како во случајот со Грција, така и сега „добра мајка“ за Бугарија, а „лоша маќеа“ за Македонија.

Во изминативе 20 години „еврочекалницата“ се претвори во „евродробилница“ на македонскиот идентитет, на карактерот на македонската држава, на нејзиниот суверенитет, а сега Лаен, Кос, Калас, Кошта и Русопулос бараат „ништо помалку и ништо повеќе“ од промена на уставот, за да се „вдоми“ во него „државотворниот бугарски народ“. Дали сме подготвени да чекаме и следните 15-20 години чекање за влез во „елитниот европски клуб“, или ќе го преосмислиме патот кон кон нашата, македонска иднина?

Кога се обмислува што да се прави натаму со апликацијата и стремежите на Македонија за влез во ЕУ, од клучно значење е одговорот и на прашањето: колку се земаат предвид интересите на идните македонски поколенија во сите овие досегашни евроинтеграциски напори? Дали претпоставеното целосно исполнување на „добрососедскиот договор“ со Бугарија и внесувањето на Бугарите во македонскиот устав би обезбедило подобра сегашност за оваа постојна генерација на македонскиот народ и за другите македонски граѓани, но и дали би создало услови за просперитетен живот на идните генерации на Македонците и другите етникуми во Македонија?

Пред да се обидеме да ги изнесеме можните одговори на овие прашања, ќе пренесеме дел од клучните согледувања во инспиративната анализа „Идните генерации како слепа точка на демократијата во Европа“ на д-р Роберто Алемано, професор по европско право во Високата школа за напредни бизнис-студии во Париз и научен истражувач во Програмата „Иднината на Европа“ во Институтот за хуманистички науки во Виена, во Австрија. Тој е еден од водечките научници за иднината на ЕУ и на Европа. Алемано истакнува дека Европската Унија  беше замислена од своето основање како проект наменет не само за сегашните генерации, туку и да ги заштити идните генерации.

„Но, се разоткрија фундаменталните недостатоци на системот на ЕУ, кој е способен да одговори само на сегашноста. Идните генерации немаат права, ниту претставување во донесувањето одлуки во ЕУ денес. Во овие околности, во кои неродените генерации нема да имаат место на масата, ниту креаторите на политиките, ниту политичките лидери не се поттикнати да размислуваат и да дејствуваат долгорочно На институциите на ЕУ им недостасуваат алатки за систематско обликување политики за иднината.“ – посочува Роберто Алемано.

Овој политички експерт предупредува дека идните генерации се слепа точка во моделот на ЕУ, и покрај долгорочната природа на европскиот проект. Сепак, во исто време, постојат семиња на промени. Растечката загриженост за долгорочните опасности ја крева јавната свест за важноста на долгорочното размислување како приоритет.“ – укажува професорот Алемано.

Осврнувајќи се на прашањето како да се обнови долгорочното размислување на ЕУ, Алемано изнесува дека ЕУ треба треба да ги вгради интересите на наредните генерации во своето долгорочно размислување и одлучување. „ЕУ треба да основа своја нова посебна институција, наменска канцеларија за идните европски генерации. Постојат многу национални примери на институции, од кои ЕУ може да учи: во Финска, Унгарија, Малта, Шведска и Велс, кои веќе имаат такви посветени тела. Надвор од Европа има во Канада, Израел и Уругвај. На глобално меѓународно ниво претстои назначување специјален пратеник на Обединетите Нации (ОН) за идните генерации. Треба да се именува и европски комесар за идните генерации, кој може да помогне во обновувањето на визијата на ЕУ за иднината на Европа.“ – заклучува Роберто Алемано во својата анализа поветена на иднината на ЕУ и на нејзините наредни генерации.

Како што ги нема интересите на идните европски генерации на масата во Брисел, на која се донесуваат одлуките, таму уште помалку ги има интересите на оваа и на следните генерации на Македонци и другите граѓани на Македонија. Во овој момент од геополитички причини на Урсула фон дер Лаен и еврокомесарите им се потребни само Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија. И никој друг. Барањето да се спроведат реформи во Македонија е најобично „кревање чадна завеса“ на ЕУ, за да ја скрие својата единствена и главна цел: да издејствува само нова промена на уставот во полза на официјална Софија и потоа да ја поттурне Македонија не на европската периферија, туку во бездната на непостоењето како држава.

Професорот Роберто Алемано наведува драгоцен совет, кој ќе треба да се примени и во случајот на Македонија: потребно е долгорочно размислување и системско обликување политики за иднината, тој вели на Европа, а ние дополнуваме, на иднината на Македонија и следните генерации на македонските граѓани. Кажано со речникот на овој врвен експерт, не смее да се размислува само кусорочно за „европскиот пат на Македонија“, туку кај би нѐ одвело како држава и како граѓани сите заедно „чекорењето на тој пат“. Би морало многу подолгорочно да обмислиме кои и какви би биле последиците од прифаќањето на барањата на Бугарија, кои се веќе и барања на ЕУ. Дали и каква Македонија би им оставиле на идните поколенија на македонскиот народ и на другите македонски граѓани?

„Треба да се ‘посеат семиња на промени’ и да се крене јавната свест за идните генерации.“  – нагласува д-р Алемано. Да, потребни се „семиња на промени“ и во македонската државна евроинтеграциска политика  и максимално крената јавна свест за наредните генерации на Македонците и другите македонски граѓани, за тоа какви намери има ЕУ со нас како држава и како народ и граѓани. Земајќи ги предвид согледувањата на Алемано, се наметнува уште едно важно прашање: зошто да не се основа Канцеларија за идните генерации во рамки на Министерството за европски прашања, или уште подобро како меѓуресорски орган на на Владата на Република Македонија, според примерите на Финска, Унгарија, Малта, Шведска и Велс, Канада, Израел и Уругвај, кои веќе имааат вакви тела, но на други нивоа во нивните политички системи? 

Таквата Канцеларија, интегрирајќи и спроведувајќи во своето функционирање различни аспекти на владините политики, би можела да помогне многу во редефинирањето на визијата за влегувањето на Македонија во ЕУ од гледна точка на нашите следни поколенија. Поколенија, кои исто така имаат право да живеат во Европската унија, ама во реформираната Европска унија на суверени нации и во онаа нова суверенистичка Европа, кои веќе се раѓаат.

(Авторот изнесува во оваа анализа согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

„Нова Македонија

 

 

Најнови вести од: Колумни

Свето Тоевски: Македонија не би требало да прифаќа по налог на ЕК третман како безначајна „геоополитичка трева“, која би ја газеле „слоновите“ додека се тепаат меѓу себе

Не соодветствува со автентичните државно-национални интереси на Македонија и на нејзините граѓани најновата позиција, која ја изнесе еврокомесарката за проширување на ЕУ Марта Кос, дека „земјите-кандидатки мора да направат геополитички избор на која страна се пред да влезат во ЕУ“. Спроведувањето на овој став дополнително би ја  усложнил ионака сложената ситуација, во која се наоѓа Македонија веќе изложена на сериозни критики во најновиот извештај на Европската комисија дека „не искажува резултати во реформите“ и оти „запаѓа во застој“.

Драмското и јазично творештво на Васил Иљоски – македонскиот Шекспир е трајно потсетување кои сме биле и кои мора да останеме – како Македонци

„Кога беше забранета употребата на македонскиот јазик Васил Иљоски се најде меѓу оние, кои имаа смелост постепено да го уфрлаат тој јазик во сите пори на тогашниот општествен и културен живот, дури и на сцената на Кралскиот Скопски театар, чија основна задача беше да ја неутрализира македонската национална свест.“ – констатира романописецот и театролог Александар Алексиев. Денес се навршуваат 30 години од смртта на Васил Иљоски и ова е соодветна пригода за навраќање кон неговото пребогато драмско и книжевно-лингвистичко творештво, но и на неговиот живот, вложен до последниот миг во афирмацијата на нашата македонска национална самобитност.

Преобјавен „Абецедарот“ за македонските деца во Егејска Македонија од 1925, кој е сведоштво за посебноста на македонскиот народ со својот македонски јазик

Во 1925 година се успеа преку тогашното Друштво на народи, кога не постоеше држава на македонскиот народ, да се издејствува „Абецедар“ за македонските деца во Егејска Македонија, макар и по барање на тогашна Бугарија и поради нејзините асимилаторски стремежи кон македонскиот народ. Денес, кога постои македонска држава на македонскиот народ, оваа Република Македонија, зошто да не се побара пак заштита за македонскиот јазик во Грција овој пат и од ЕУ и од Организацијата на ООН, како наследничка на некогашното Друштво на народи, па пак да се отпечати македонски овојпат „Буквар“, а не „Абецедар“ за македонските деца? Со барање и да се воведе македонскиот јазик во грчките училишта?! Правото на употреба на мајчиниот јазик е неотуѓиво право на секој народ и секое национално малцинство во Европа и светот, тоа право е загарантирано со сите европски конвенции и со конвенциите на ООН. Грција е обврзана со сите овие конвенции да ја овозможи употребата на македонскиот јазик во училиштата за македонските деца.

Се согласувам со Филипче – Воопшто не е лошо, напротив битна е перспективата

СДСМ оствари чиста, пефектна победа во Кривогаштани и уште во две општини во првиот круг. Има шанса уште во пар други. Во бастионот Струмица свесно беше жртвувана кралица во ликот на Костадинов

Аманетот на Петре М. Андреевски: Не дозволувајте друг да ни ја контролира националната свест! – Да изградиме заедничка програма за Македонија!

Во 2000 година во интервју за весникот „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, македонскиот книжевен гениј и патриот Петре М. Андреевски ќе нагласи: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“

Зарем не може и Македонија да стане „балкански еколошки Сингапур“ со своја „револуција“ за собирање и искористување на отпадот?!

Во азиската град-држава Сингапур, која се нарекува не случајно „светска престолнина на рециклирањето на отпадот“, ѓубрето не се нарекува ѓубре, туку „рециклирачки материјали“, а во Македонија од него се формираат се поголем број „мини-планини“, кои се повеќе ја загадуваат животната средина и го загрозуваат животот и здравјето на луѓето, посебно во случаите на намерно подметнуваните пожари како во изминативе неколку седмици.

To top