Романија потврди дека руски дрон навлегол во нејзиниот воздушен простор, со што земјата стана втора членка на НАТО, по Полска, која официјално пријави ваков упад. Настанот се случил за време на руските воздушни напади врз украинската инфраструктура на реката Дунав, потврди романското Министерство за одбрана.
Според соопштението, дронот бил откриен од два авиони Ф-16, кои ја надгледувале границата со Украина. Набљудувањето било извршено околу 20 километри југозападно од селото Чилија Вече, но дронот набргу исчезнал од радарите. Министерството нагласи дека не летал над населени места и не претставувал непосредна закана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше, велејќи дека инцидентот „не може да биде грешка, туку очигледно проширување на војната од страна на Русија“.
Од страна на Москва засега нема официјален коментар, но Полска исто така потврди дека соборила најмалку три руски дронови кои влегле во нејзиниот воздушен простор, што дополнително ја зголеми тензијата на источниот фронт на НАТО.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, го нарече случајот „уште едно неприфатливо кршење на суверенитетот на земја-членка на Европската Унија“.
Полскиот премиер Доналд Туск објави на мрежата X дека системите за воздушна одбрана се во највисока состојба на готовност, додавајќи дека во тек се „превентивни операции на сојузничката авијација“.
Белорусија, која останува еден од најблиските сојузници на Москва, изјави дека леталата кои влегле во полскиот воздушен простор биле дел од „навигациска грешка“, предизвикана од блокирање на GPS сигналите.
Како дополнителна мерка за безбедност, Чешката Република испрати единица за специјални операции со три хеликоптери Ми-171С во Полска, подготвени за транспорт и поддршка во евентуални воздушни мисии.
Украинскиот претседател повторно ги повика западните партнери да ја заострат политиката кон Москва, нагласувајќи дека „руската војска точно знае каде се движат нејзините беспилотни летала и колку долго можат да дејствуваат во воздух“.
Во САД, претседателот Доналд Трамп изјави дека е „подготвен да воведе построги санкции кон Русија“, но само доколку земјите од НАТО се обврзат да ги исполнат условите за намалување на купувањето на руска нафта.
Руската инвазија врз Украина, започната во февруари 2022 година, продолжува да создава нестабилност во регионот. Иако Кремљ тврди дека нема намера да нападне територии на НАТО, инцидентите во Полска и Романија се сметаат за опасно приближување до линијата на директна конфронтација меѓу Москва и Алијансата.