Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на „Топ тема“ на Телма остро ја отфрли можноста за дополнително зголемување на судскиот буџет, нагласувајќи дека Македонија веќе издвојува далеку повеќе од европскиот просек, а резултатите во правосудството се далеку под очекувањата.
„Ова е европски извештај. Буџетот кој ние како држава го издвојуваме за правосудството е 0,39 % од нашиот бруто домашен производ. За да знаат граѓаните соседна Грција издвојува 0,26 %, Франција издвојува 0,2 %, да одиме чекор понатаму, Германија издвојува 0,3 %, а европскиот просек е 0,31 % од бруто домашниот производ, а медијаната е 0,28 %. Ние издвојуваме повеќе и од медијаната и од европскиот просек или во бројки, повеќе од 75 % од земјите членки на ЕУ“, рече Мицкоски.
Премиерот потсети дека дури и земјите-кандидати како Албанија, Молдавија и Грузија трошат помалку, а судиите бараат новите законски измени да го кренат минимум на 0,8 % за судство + 0,5 % за обвинителство, односно вкупно 1,3 % од БДП – три пати повеќе од која било европска земја.
Мицкоски спореди и плати: судија-почетник во Македонија зема околу 19.170 евра бруто годишно, во Словенија 34.101 евра – 80 % повеќе, иако словенечкиот БДП по жител е над четири пати повисок од нашиот.
„Претседател на еден суд во Македонија има плата околу 180.000 денари, мојата плата како премиер е 155.000 денари“, додаде тој.
Премиерот порача дека Владата нема намера да се меша во независноста на судството, но има обврска да се грижи за секој трошок од народните пари и дека без видливи резултати нема да дозволи дополнително зголемување на судскиот буџет.