Српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, денес потврди дека руските сопственици се согласиле да го продадат својот мнозински удел од 56,15 % во Нафтената индустрија на Србија (НИС). Таа истакна дека Белград е целосно вклучен во тековните преговори и дека енергетската стабилност на земјата е апсолутен приоритет.
„Руските сопственици се согласиле да го продадат својот удел во Нафтената индустрија на Србија, кој изнесува 56,15 %. Тие преговараат за тоа. Ние сме вклучени и информирани за овие дискусии, коментираме речиси час по час, бидејќи сме втор најголем акционер со 29,8 % и бидејќи е од витален интерес за нас НИС да продолжи да работи и успешно да работи. Тоа е апсолутно клучно за енергетската стабилност на нашата земја“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.
Министерката објасни зошто името на потенцијалниот нов сопственик сè уште не е објавено.
„Причината зошто сè уште не излеговме јавно со информации за тоа кој е третата страна е тоа што зборуваме за деловни преговори на сериозни компании. Додека тие преговори не се завршат или барем не се дефинираат најважните детали, не е сериозно да се изнесуваат имиња. Но, ништо не се крие од јавноста. Како што видовте, досега комунициравме многу транспарентно за сè. Нашето барање е јасно – рафинеријата мора да продолжи со работа и да обезбеди нов проток на сурова нафта од ЈАНАФ што е можно поскоро“, додаде таа.
Ѓедовиќ Хандановиќ откри дека НИС веќе поднел барање до американските власти за продолжување на лиценцата што овозможува снабдување со нафта и непрекинато работење на рафинеријата во Панчево.
„Сега чекаме одлука на американската влада дали она што го предложија, во кое ние секако сме вклучени, е прифатливо“, заклучи министерката.