Бизнис

Власта и опозицијата се скараа за парите, поднесени околу 200 амандмани по Предлог-буџетот за 2026

Дијаметрално спротивни ставови за Предлог-буџетот за 2026 година, за власта буџетот е реален и развоен за опозицијата буџетот не обезбедува соодветна фискална консолидација.

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет втор ден продолжи амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2026 година. Поднесени се околу 210 амандмани, а денеска беа разгледани неколку амандмани од опозицијата кои не беа прифатени. Со амандманите се бараа повеќе средства за Министерството за европски прашања, за Министерството за односи со заедниците, за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот договор, како и за програмата за правична и соодветна застапеност на заедниците.

Дебатата се претвори во полемика и обвинувања меѓу опозицијата и владејачкото мнозинство за меѓуетничкиот соживот по говорот на пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски упати критики кон говорот на Битиќи, истакнувајќи дека неговото излагање е националистички настроено.

  • Јас сум единствениот пратеник кој поднесуваше амандмани за изградба на средното училиште „Сами Фрашери“ во Куманово на албански наставен јазик. Преку своето влијание во општината и преку кадрите кои беа на раководни и се на раководни позиции од ВМРО-ДПМНЕ направивме проект, обезбедивме средства и денес училиштето се гради.  После 1983-година, гимназијата „Сами Фрашери“ ќе биде првото училиште кое ќе биде изградено во Куманово. Е така колега Фатмир Битиќи се гради соживот во Куманово, не со националистички говори, не со шовинистички говори, туку со дела видливи за сите граѓани, рече Петрушевски.

Битиќи во репликата на Петрушевски рече дека разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е во начинот на гледање на општеството.

  • Јас не ги гледам работите на ваши и наши. Сум бил вицепемиер и сум дал пари и за сала во Куманово и за училиште во Тетово и во секоја една општина. Нема вакво или онакво училиште, нема наши и ваши деца, рече Битиќи.

Според владејачкото мнозинство, опозицијата со барањето за скратување на средства од спортот, го казнува спортот и прави злоупотреба за да добие политички поени.

Владата планира од државната каса да потроши 6,73 милијарди евра, а да собере 6,1 милијарди евра. Од даноци ќе се соберат речиси 3 и пол милијарди евра, што е пораст од 6%. Во државната каса ќе се слеат повеќе пари од данок на личен доход за 8,7%. Најголем пораст ќе има кај приходите од данокот на добивка од над 14%. Од ДДВ во државната каса ќе се инкасираат 1,5 милијарди евра. Акцизите ќе опфатат 582 милиони евра или 1,3% повеќе. Од социјални придонеси на граѓаните ќе се наплатат 1,98 милијарди евра. Ваквите амбициозни планови главно се засноваат на воведувањето на е-фактура, намалување на сивата економија и дигитализација на процесите.

Најнови вести од: Бизнис

Хуманоста како традиција: „АЛКАЛОИД“ со нова донација за здравјето на најмладите

Од првиот Хуманитарен пикник до денес собрани се близу 14 милиони денари наменети за поддршка на здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, деца, лица со ретки болести, ранливи категории и лица од третото доба, како и за иницијативи за заштита на животната средина

Мицковски: Со завршувањето на проектот за антимон ќе ја зголемиме важноста на Македонија и економскиот стандард

Тој се повикува и на првичните извештаи за резервите, според кои, како што наведува, тие би можеле да бидат значително поголеми од збирните резерви на двете водечки земји во светот во производството на антимон

Хрватска е првата земја што најде решение за македонските транспортери

Хрватска е првата земја што најде решение за македонските превозници. Од 23 септември оваа земја треба да почне да прима барања за долгорочни визи. Ова го најави Билјана Муратовска од Макам-транс. Во другите земји сè уште важи старото правило, возачите можат да бидат во Шенген најмногу 90 дена во период од 180 дена.

To top