„По неколку години тврдоглава инфлација и зголемување на трошоците за живот, ценовните притисоци се намалуваат низ цела Европа. Сепак, и покрај подобрувањето на економската состојба, еден од четири Европејци сè уште не ги плаќа своите сметки на време, според најновиот извештај на Интрум (Intrum) за европските плаќања на потрошувачите.“ – објави „Еуроњуз“ во својата економска анализа со наслов „Долговите се натрупуваат? Една четвртина од Европејците не ги плаќаат сметките на време“.
Натаму во анализата се наведува: Иако ситуацијата е подобра отколку во 2023 година, кога 37% од граѓаните доцнеа со своите плаќања, фактот дека 24% сè уште не ги плаќаа своите долгови на време открива длабоки разлики меѓу земјите и социјалните групи.
Стапката на домаќинства кои ги плаќаат сите сметки на време варира од земја до земја. Шпанија и Австрија се најдобри во овој поглед, со 83%, додека Грција е рангирана најниско со 67%.
Трајните ефекти од кризата со трошоците за живот
Цели 43% од потрошувачите во Европа изјавиле дека последните години имале трајно негативно влијание врз нивната финансиска благосостојба, при што помладите генерации честопати се најтешко погодени. Цели 63% од испитаниците од Генерацијата Z изјавиле дека доцнењето со плаќањето сметки оваа година е редовна појава, а не еднократен настан. Многу Европејци сè уште живеат од ден за ден, според Intrum. Само шест од десет редовно издвојуваат фонд за итни случаи за црни денови, додека 29% признаваат дека извештаите за економска нестабилност ги прават вознемирени.
Годинашниов извештај, исто така, покажува промена во причините за доцнење со плаќањето. Недостатокот на средства повторно стана доминантен проблем, а овој феномен особено влијае на Генерацијата Z. 52% од испитаниците изјавиле дека нивната главна причина за неплаќање е тоа што немаат доволно пари за да ги платат сметките. Дополнителен товар за младите е таканаречениот притисокот на нивните стремежи. Како што истакнува Агњешка Кункел, социјалните мрежи честопати создаваат нереални стандарди, охрабрувајќи ги младите купувачи да се задолжуваат, за да бидат во чекор со своите врсници. Според анкетата, 31% велат дека обидот да се реплицира животниот стил на инфлуенсер ги довел во долгови.