Македонија

Сè ќе сториме за стратешката цел влез во ЕУ, но без двојни стандарди – порача премиерот Мицкоски

Не треба да имаме дилема ниеден во Собранието дека иднината на Македонија е во рамките на ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање во врска со извештајот на Европската комисија за напредокот на државата и во однос на преземените чекори кон евроинтеграциите, ги потенцираше специфичните условувања кон Македонија, билатерализацијата на патот кон членство во Унијата, се наврати на однесувањето на минатите влади и неколкупати прифатените условувања вон Копенхашките критериуми, но и посочи на конкретни преземени мерки во овој период наведени во извештајот на ЕК.

Притоа напомена дека ваквиот однос и оценување од страна на ЕК во извештајот не треба да биде причина за евроскептицизам, ниту пак да биде модел за исполнување на сè што е ставено на маса, а притоа да се нема гаранции дека друго, освен зацртаните критериуми нема да го попречат патот.

– Не треба да имаме дилема ниеден во Собранието дека иднината на Македонија е во рамките на ЕУ. Се разбира дека пристапот до реализирање на таа цел е поинаков. Претходната влада имаше пристап дека со тоа што ќе потпишуваат и прифаќаат сè што ќе им е ставено на маса ќе им бидат простени криминалот и корупцијата и сето она што беше заштитен знак за нивната влада и дека ако стават потпис на секој од документите ставен на маса, некој од таму на магичен начин ќе ги остави на власт и ќе продолжат сложно да ги крадат граѓаните и државата. Но, граѓаните избраа лани на изборите, по која патека и траекторија ќе се движи државата, а тоа е траекторијата на правичност многу работа правичност, чесна работа согласно законите и работа којашто дава испорака за граѓаните. И тука оваа влада не ги двои граѓаните, ниту по етничка, ниту по верска или политичка припадност и така ќе продолжи да функционира – изјави Мицкоски.

Премиерот потсетува дека заедничка цел на сите нас е да бидеме дел од ЕУ.

– За тоа треба да ги завршиме преговорите, но пред да ги завршиме треба да ги започнеме. Многу пати до сега високи функционери на претходната влада, почнувајќи од претходните премиери, ни ја кажуваа невистината, дека сме ги почнале преговорите, дека преговараме, дека имаат добра вест, проследени со објавувани селфи-фотографии од авиончиња, од бротчиња, од понекоја јахта од Егејското Море итн. како еве патуваме кон Европа, возот е незапирлив само што не сме стигнале, а во суштина се наоѓаме на истото место каде што бевме за жал пред 25 години. На самиот почеток. И ние сме единствениот случај, во којшто не можеме да напредуваме, затоа што имаме активна блокада, активно вето, поради билатерални прашања. Прво тоа беше спорот со нашиот јужен сосед, спорот за името на државата, па на начин на којшто сите бевме сведоци се случи таа промена, а сега е повторно нова измена на Уставот, којашто претходната Влада го суспендираше Парламентот и прифати нешто коешто не успеа да го испорача и сега е дел од заклучоците на Европскиот совет дека ние треба тоа да го направиме без притоа да имаме јасна гаранција и предвидливост дека и тоа да се направи, дека ние ако ги завршиме преговорите и сето тоа што треба да го завршиме, бидеме дел од ЕУ, и дека нема да има дополнителни блокади поради билатерални прашања. Влегоа во таа авантура, реков кој беше мотивот на претходната Влада – истакна првиот човек на владата.

Тоа не е начин на размислување на оваа влада, напротив размислуваме сосема поинаку, вели премиерот.

– Сè ќе сториме во наша моќ за да стигнеме и да ја реализираме таа стратешка цел, но мора тоа да биде без двојни стандарди, да биде согласно Копенхашките критериуми и мора да имаме двонасочна улица. Не може улицата да биде еднонасочна, бидејќи за името на европската цел и за името на европските интеграции граѓаните на Македонија направија многу отстапки во минатото, ако тргнеме од промената на банкнотите, преку промената на знамето, потоа промената на името, Уставот неколку пати – дециден е Мицкоски.

Најнови вести од: Македонија

Градоначалниците од Скопје повторно заеднички договараат проекти, заради навремено и системско решавање на проблемите во градот

Еден од најзначајните и најдраги проекти што се најавуваат е Луна Паркот. По децении чекање, процесот конечно ќе започне, овозможувајќи им на најмладите долгоочекувано место за забава и рекреација, соопштува Град Скопје.

Водно повторно се лизга: Клиничкиот центар и згради на „Белградска“ во опасност

Утринава повторно се активираше лизгањето на земјиштето на Водно, на потегот меѓу улиците „Белградска“ и „Партеније Зографски“, непосредно над комплексот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Мицкоски: Поради иницијатива на уставна судијка, над 70 проценти од пензионерите ќе земат помала пензија, тоа е неправда за нив!

Претседателот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски истакна дека судијката на Уставниот суд, според последната информација, веќе ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите!

To top