Македонија

Мемов: Основната цел на пензискиот систем е овозможување на достоинствен живот на возрасните луѓе

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов, во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма, порача дека исплатата на пензиите е целосно обезбедена, тековна и гарантирана од државата, согласно членот 241 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов, во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма, порача дека исплатата на пензиите е целосно обезбедена, тековна и гарантирана од државата, согласно членот 241 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тој истакна дека нема никаков простор за вознемиреност кај пензионерите. „Планираната наплата на придонеси за периодот јануари–септември 2025 година е реализирана 95 проценти. Стабилноста и ликвидноста на Фондот се во рамки на предвиденото“, рече Мемов.

За буџетот на ПИОМ во 2026 година тој информираше: „Буџетот на ПИОМ за следната година е планиран на 151 милијарда денари, тоа се околу две ипол милјарди евра. Од нив 1,9 милијарди евра, односно 117 милијарди денари се предвидени за исплата на пензиите, а остатокот од средствата во буџетот е за исплатата на здравственото осигурување на пензионерите, во висина од 13 проценти од нето пензијата и транзициските трошоци во висина од околу 19,5 милијарди денари за пензиските друштва во вториот столб.“
На прашањето колку од овие 117 милијарди ќе бидат покриени од државниот буџет, Мемов одговори:
„Планираните трансфери од владата, за нормалното функционирање на Фондот, за 2026 година се одредени на 62 милијарди денари, односно една милијарда евра. Од нив 30 милјарди денари, т.е. околу 500 милиони евра, се наменети за исплата на зголемените пензии во висина од седум илјади денари за сите пензионери. Остатокот од 32 милијарди денари се за исплатата на здравственото осигурување на пензионерите и трансферите кон вториот столб.“

Мемов категорично негираше дека се менува концептот на пензискиот систем и нагласи дека тој останува солидарно-социјален. Тој потсети на историското зголемување на пензиите во последните години: „Апсолутно нема промена на играта во пензискиот систем и менување во од. Во 2022 година е донесен законот со кој е воведен швајцарскиот модел на 50 -50 животни трошоци и зголемување на платите.  Од септември месец 2024 година до денеска пензиите се покачени за 29,6 проценти. Досега ниту една влада ги нема покачено пензиите со ваков износ.“

Во однос на влијанието на овие зголемувања врз стабилноста на Фондот, тој објасни дека дефицитот од 30 милијарди денари во 2026 година точно соодветствува со износот на линеарното зголемување од 7.000 денари по пензионер и дека токму за тоа се наменети трансферите од државата.
За можноста за зголемување на стапката на придонеси, Мемов предупреди дека тоа не мора автоматски да значи поголем прилив во Фондот и дека секоја мерка мора темелно да се анализира.

Во врска со иницијативите пред Уставниот суд, тој изрази уверување дека нема да бидат прогласени за неуставни одредбите за усогласување, ниту линеарното зголемување, истакнувајќи дека тоа е правично и праведно.

На крајот, Мемов ја повтори основната цел на пензискиот систем: „Основната цел на пензискиот систем е овозможување на достоинствен живот на возрасните луѓе коишто не се способни во текот на староста да работат, а имат придонесено за општеството и државата. Битно е државата да обезбеди механизми овие луѓе да живеат достоинствен живот и да имаат мирна старост.“

 

Најнови вести од: Македонија

To top