На највисокиот врв на Австрија, Гросглокнер (3.798 м), се одигра трагедија што длабоко ги потресе алпинистичките кругови ширум светот. Триесет и тригодишна жена од Салцбург го изгуби животот од хипотермија на само педесетина метри под самиот врв, откако нејзиниот партнер, поискусен алпинист, ја оставил сама повеќе од шест и пол часа додека одел по помош.
Истрагата покажа дека екстремните временски услови – мраз, снег и ветар со удари до 75 км/ч – ја претворија планината во смртоносна стапица. Жената, која тоа утро тргнала на своето прво вистински сериозно високо искачување, почувствувала целосна исцрпеност непосредно пред врвот. Наместо да остане со неа и да ја заштити додека пристигне помош, нејзиниот придружник решил сам да бара спасувачи. Таа никогаш не ја дочекала зората.
Австриското државно обвинителство покрена кривична постапка против 36-годишниот маж за убиство од крајна небрежност. Во обвинението стои дека тој ја оставил партнерката „неизолирана, дезориентирана и без заштита“ и не презел ниту еден минимален чекор за нејзина безбедност.
„Како поискусен и организатор на турната, имал обврска да ја води и заштити,“ се вели во обвинението.
Утврдено е дека парот тргнал два часа подоцна од планираното и без основна опрема за итни случаи (бивак-ќесе, дополнителна облека, сигнални средства). Иако околу 22:50 часот видел хеликоптер што ја пребарувал областа, мажот не дал никакви светлосни или звучни сигнали. Едва околу 3:30 по полноќ, по повеќе од шест часа раздвоеност, конечно ја алармирал спасувачката служба. Поради силниот ветар, хеликоптерот на алпската полиција не можел да полета до зори. Спасувачкиот тим пристигнал дури следното утро околу 10 часот и можел само да ја констатира смртта.
Адвокатот на обвинетиот, Курт Јелинек, изјави:
– Мојот клиент длабоко жали. Се работи за трагична несреќа, не за криминален чин.
Оваа трагедија неизбежно потсетува на случајот со руската алпинистка Наталија Наговицина (47), која во август оваа година загина во Киргистан откако две недели остана заробена на висина над 7.000 метри