Регион

(Фото): Протестен бунт во Грција: Трактори стигнаа и до Крит, најавена блокада и на пристаништето во Волос

Земјоделскиот бунт започна на 30 ноември како реакција на високите трошоци за производство, ниските откупни цени и скандалот со европските субвенции. Главното барање е исплата на заостанатите субвенции и намалување на производствените трошоци. Засега нема процена до кога протестите ќе продолжат.

Повеќе од една седмица земјоделците ширум Грција со трактори ги блокираат граничните премини, автопатите, патарините и клучните сообраќајни правци, а денеска нивните активности дополнително се интензивираат со над 20 активни блокади. Протестите, кои предизвикуваат значителни застои во сообраќајот, започнаа поради зголемените производствени трошоци и ниските откупни цени. На копнените гранични премини кон Македонија, Бугарија и Турција се паркирани стотици трактори што повремено ја затвораат границата во различни периоди од денот. Сообраќајот на автомобили и камиони често запира, а застои има со часови.

Посебно критична точка е граничниот премин Евзони, каде што блокадата поставена од земјоделците од Пеонија и Јаница е активна од минатиот понеделник.

Над 300 трактори ја затвораат границата неколку часа по 12 часот, како и во попладневните часови по 18 часот, а ваквата практика се очекува да продолжи и денеска. Одлуките земјоделците ги носат од ден за ден, по состаноци на нивните координативни комисии.

Главниот центар на протестот е во централна Грција, кај Никеа близу Лариса, на автопатот Солун–Атина, каде што сообраќајот е пренасочен кон споредни патишта. За денеска е најавена блокада и на тие алтернативни премини меѓу 17 и 19 часот, со што земјоделците ќе извршат дополнителен притисок врз властите.

Наредниот голем чекор се очекува во среда, кога земјоделците од Тесалија, од неколку различни блокови, планираат заеднички марш кон Волос и блокада на пристаништето. Блокади има и на автопатот Е65 што ги поврзува Ламиа, Кардица и Трикала со Егнатија, а северна Грција е речиси целосно опфатена со блокови – од западниот до источниот дел на земјата. Протестите се проширија и на Пелопонез, како и на островот Крит.

Во Солун активни се неколку блокади, меѓу кои и патот кон аеродромот, Халкидики и патарините на излезот кон Атина.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повторно апелираше до земјоделците да се вратат на дијалог.

  • Вратата на Министерството за земјоделство е и ќе остане отворена. Блокадите изразуваат притисок, но го отежнуваат секојдневието на сите – изјави Мицотакис, повикувајќи на конструктивен разговор.

Земјоделскиот бунт започна на 30 ноември како реакција на високите трошоци за производство, ниските откупни цени и скандалот со европските субвенции. Главното барање е исплата на заостанатите субвенции и намалување на производствените трошоци. Засега нема процена до кога протестите ќе продолжат.

На дел од локациите земјоделците поставија и новогодишни елки, симболична порака дека се подготвени празниците да ги поминат на улица ако надлежните не ги исполнат нивните барања.

Најнови вести од: Регион

Нов услов за странските работници во Хрватска – ќе мора да учат хрватски!

Наскоро ќе се воведе обврска за странските работници да учат и да полагаат испит на хрватски јазик како услов за продолжување на нивната дозвола за работа во Хрватска, а исто така им се овозможува полесно да ги менуваат работодавачите. Хрватската влада на денешната седница усвоила измени на Законот за странци и ги испратила во парламентот. Измените се прават, заради усогласување со законодавството на ЕУ, односно со Директивата за единствена постапка за обработка на барањата за издавање единствена дозвола за престој и Пактот за азил и миграција, кој воведува нови правила за управување со миграцијата и воспоставување заеднички систем за азил на ниво на Европската унија.

„Нетпрес“: Тројцата убиени во Бугарија биле од паравоена организација, која соработувала со бугарските власти

Тројцата убиени мажи, кои вчера биле пронајдени во поранешниот планинарски дом „Петрохан“ на Стара Планина во Бугарија биле припадници на паравоена ренџерска агенција, јавија бугарските медиуми. Трите жртви пронајдени убиени во „Петрохан“ се Дечо В. (45), Ивајло И. (49) и Пламен Ст. (51), објави бТВ. Тие биле членови на паравоена организација.

Најнови вести

To top