Еден од најпознатите и најрадикални противници на рускиот претседател Владимир Путин е убиен под неразјаснети околности на фронтот во Украина. Станува збор за човек која отворено повикуваше на уривање на режимот во Москва и активно учествуваше во борбите против руските сили. Веста предизвика бран реакции на социјалните мрежи, додека официјална потврда од Кремљ засега нема, што дополнително ги засилува шпекулациите.
„Вечерва, на Запорошката страна на фронтот, додека извршуваше борбена мисија, нашиот командант, Денис „ВајтРекс“ Капустин, загина херојски. Според прелиминарните информации, станува збор за беспилотно летало ФПВ“, се наведува во пораката, пренесува Укринформ.
Според руската Федерална служба за безбедност, Капустин, руски државјанин, познат и како Сергеј Никитин, се борел на страната на украинските вооружени сили.
Во 2022 година, тој организираше обид за дигање во воздух енергетска централа во рускиот Волгоградски регион, а во 2023 година организираше напад во Брјанскиот регион и беше спречен обид за атентат врз рускиот бизнисмен Константин Малофеев, основач на групацијата компании „Царград“, пренесува РИА Новости.
Во Русија, лидерот на РДЦ беше осуден на доживотен затвор во отсуство.
Капустин е роден во Москва, на 17-годишна возраст се преселил со своите родители во Келн, каде што стекнал репутација на скинхед и бил познат во круговите на европските фудбалски хулигани.
Германските власти му ја одзедоа визата за престој во 2019 година и му воведоа забрана за Шенген поради „дејствување против либерално-демократскиот устав“.
Според германската разузнавачка служба БНД, Капустин, познат и како Денис Никитин, „бил еден од највлијателните неонацистички активисти“ во Европа, објави Политико.
Тој претходно изјави за бриселскиот портал дека „пред сè е руски националист“ и затоа се бори за Украина затоа што „руските националисти треба да бидат против Путин“.