Изборната кампања завршува денеска на полноќ, по што ќе следи изборен молк што ќе трае до затворањето на гласачките места во недела во 19 часот.
Според Државната изборна комисија (ДИК), денеска се дистрибуираат гласачките ливчиња и апаратите за биометриска идентификација до Општинските изборни комисии, од каде Избирачките одбори ќе ги подигнат за утрешното гласање на лица со посебни потреби и затвореници.
Утре, сабота, право на глас ќе имаат болните и изнемоштените граѓани, како и лицата во затворите кои се запишани во Избирачките списоци на овие општини. Најмногу пријавени за овој вид гласање има во Гостивар – 146, следува Маврово Ростуше со 69, Врапчиште со 32, а во Центар Жупа само двајца гласачи ќе го искористат ова право.
Во Гостивар се запишани вкупно 82.870 граѓани со право на глас, од кои 78.185 се постојани жители на општината, а 4.604 се запишани во посебниот список за гласачи кои живеат во странство. Во затвор или притвор се 81 лице.
Маврово Ростуше брои 10.575 гласачи – 9.622 во редовниот список за жителите на општината, 951 во странство и двајца во затвор.
Во Врапчиште бројката на запишани гласачи е 27.279, од кои 26.318 се жители на општината, 950 живеат во странство, а 11 се во затвор.
Центар Жупа е најмалата општина по број на гласачи – 7.562, од кои 6.305 се жители на општината, а 1.257 живеат во странство.
Во Гостивар се борат Невзат Бејта од коалицијата „Вреди“ и независниот Ваљбон Лимани поддржан од НАИ. Во Врапчиште, изборот е помеѓу Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири поддржан од Група избирачи. Центар Жупа има еден кандидат – Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, додека во Маврово Ростуше за градоначалник се натпреваруваат Онер Јакупоски од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Анес Ахмети од СДСМ.
За разлика од редовните локални избори, на повторените избори не е потребна минимална излезност од една третина од гласачите. Законски, за да се избере градоначалник, доволно е еден од кандидатите да освои повеќе од половина од гласовите на излезените граѓани, што важи и за Центар Жупа каде има само еден кандидат.
Причината за повторувањето на изборите е недоволната излезност во првиот круг на локалните избори во октомври 2025. Тогаш, законот бараше најмалку 33,33 проценти од гласачите да се појават на избирачките места, што не беше исполнето. Во Гостивар излезноста беше 33,31%, во Врапчиште 25,18%, во Маврово и Ростуше 30,31%, а во Центар Жупа само 21,49%.