Според „Еурактив“, откога повеќето европски лидери изминатата недела внимателно ги одмеруваа искажаните зборови и избегнуваа какво било споменување строги трговски контрамерки на ЕУ кон Вашингтон, со својот вчерашен говор во Давос, Трамп ги поштеди од предизвикот да мора да носат тешки одлуки на денешниот самит. – Наместо тоа, тие може да ја поминат вечерта релаксирајќи се, уживајќи во вечерата и зборувајќи за лекциите што мора да ги научат, но веројатно нема – од една од најлудите недели во поновата историја. Уште подобро, тие може да тврдат, како што направи синоќа италијанската премиерка Џорџа Мелони, дека нивниот фокус на дијалог, а не на ескалација, ја спаси ситуацијата – заклучува порталот.
„Политико“ оценува дека сè се случи за само неколку часа, темпо на кое можеби ќе треба да се навикнеме во 2026 година. – Со еден удар американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече заканата за насилно одземање на Гренланд од масата и за царини поврзана со ова прашање, тема што се очекуваше да доминира на денешниот вонреден самит на ЕУ – наведува порталот.
Во освртот натаму се додава дека „возбудливата посета на Трамп на Швајцарија“ ја „претумба“ агендата на денешниот состанок, при што неговиот говорот во Давос им обезбеди „храна за размислување на повеќето, ако не и на сите, земји членки на ЕУ, без разлика дали станува збор за царините или не“. Медиумите посочуваат дека иако деталите за договорот што Трамп го постигна со Данска за Гренланд остануваат оскудни, несомнено важна улога во неговото постигнување одигра генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој, според „Еурактив“, го „жртвуваше и последниот грам самопочит на олтарот на егото на американскиот претседател“ – Дали таквиот однос ќе биде оценет како стратешки или едноставно понижувачки, ќе биде предмет на дебата од страна на аналитичарите – смета порталот.
„Политико“, пак, наведува дека „Марк денеска го спаси светот“ посочувајќи дека првиот човек на НАТО „успеа да постигне некаков договор“. – Природата на тој договор сепак останува мистерија. Знаеме само дека во него учествувале сите седум сојузници на НАТО од Арктикот за да се осигури дека Русија и Кина никогаш нема да добијат упориште на Гренланд – додава порталот.
Бриселските медиумите оценуваат дека се добива впечаток оти европските институции и дипломати се изненадени од ваквиот развој на настаните и дека никој во Брисел на предвидел ваков пресврт од страна на Трамп. Првите европски реакции беа дека „денот завршил подобро од тоа како почнал“, дека „ЕУ е на патот кон деескалација“, дека „притисокот е намален“, но и натаму со доза на скептицизам и со став дека сепак е „неопходен поширок разговор за трансатлантските односи“. Токму „последните случувања во трансатлантските односи“ беа најавени како главна тема на денешниот самит, па од таму сега се очекува лидерите да разговараат за нив во „целокупната нивна димензија“.