Македонија

Мицкоски: Над 50 предмети за висока корупција се отвораат, украденото мора да се врати кај народот

Ова е само почеток – рече Мицкоски

Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот се конституира како централен механизам во најавената засилена борба против криминалот и корупцијата. Според Мицкоски, станува збор за тело кое ќе овозможи системски пристап и реални резултати, а не формално исполнување на законски обврски.

– Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка, случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани – рече Мицкоски.

Тој најави дека ова не е крај на процесот, туку почеток на отворање нови случаи и спроведување темелни истраги, со цел враќање на довербата на граѓаните во државата и институциите. Премиерот потенцираше дека нема да има селективност во постапувањето и дека никој нема да биде заштитен.

– Нема селективна правда. Нема заштитени. Нема недопирливи – нагласи Мицкоски.

Во тој контекст, тој посочи дека клучен предуслов за успешна борба против корупцијата е јакнење на судството и обвинителството – институционално, кадровски и функционално. Според него, само независни и професионални правосудни институции можат да обезбедат ефикасна и правична правда.
Посебен акцент беше ставен на финансиските истраги и конфискацијата на незаконски стекнатиот имот, како завршна и најважна фаза во борбата против криминалот. Мицкоски порача дека кривичната постапка не е доволна доколку криминалот остане исплатлив.

– Борбата мора да заврши со одземање на незаконски стекнатиот имот. Затоа што криминалот не смее да се исплати. Украденото мора да се врати кај народот – рече тој.

Стратегијата за периодот 2025–2028 година, како што беше посочено, предвидува три приоритети: пронаоѓање и следење на незаконски стекнатиот имот и во земјата и во странство, негово брзо и законито привремено обезбедување и конфискација, како и ефикасно управување со одземениот имот, вклучително и негова повторна употреба за социјални цели.
Националниот совет, кој ќе функционира под водство на потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, ќе има координативна и надзорна улога во целиот процес. Од неговите членови, Мицкоски побара професионалност, интегритет и конкретни резултати.
– Денеска поставуваме темели на систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, а борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика – истакна премиерот.

На крајот од обраќањето, Мицкоски порача дека оваа борба е суштинска за правната држава, довербата во институциите и достоинството на граѓаните, нагласувајќи дека Владата нема да отстапи од тој курс.

Најнови вести од: Македонија

Сиљановска-Давкова: Спорот не се сведува само на јазикот тој задира и во други идентитетски прашања

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен неодамна јавно побара продолжување на разговорите, а претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Софија настапи со слична порака, дури и посочувајќи на потребата од одредени гаранции. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ова го толкува како јасна промена во односот на Унијата.

Зошто во Македонија секој трет стан е празен?!

Во Македонија има доволно станови за парадоксот да изгледа неверојатно: според последниот попис, повеќе од 307 илјади станови се ненаселени, односно секој трет стан во земјата нема постојани жители. А сепак, квадратниот метар продолжува да поскапува, во Скопје и Охрид на атрактивните локации веќе се пробиваат и границите од 3.000 евра.

(Видео): Ребалансот е поради лошото менаџирање на економијата, вели Филипче

Опозицискиот лидер оцени дека и покрај намалувањето на ДДВ и акцизата, вкупната цена на горивата во изминатиот период пораснала за повеќе од 50 отсто, што според него значи дека приливите во Буџетот од ДДВ и акцизи не би требало да бидат намалени, туку би требало да останат најмалку на истото ниво.

To top