Ангел Димитров, копретседател од бугарска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, не ја пропушти 154-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев за апостолот на македонската револуционерна борба да го претстави како „еманација на бугарското ослободително движење во Македонија“.
„Гоце Делчев и ослободителните борби во Македонија и Одринско се неразделно и сеопфатно поврзани со нашето историско минато; тие се во сржта на бугарската национална целост“, вели Димитров во интервју за бугарската агенција БГНЕС, пред да изнесе тврдење за целта на борбата организирана од револуционерот и од историското ВМРО.
„Треба да се нагласи дека како идеолог се придржувал, во согласност со бугарската надворешна политика, до тезата за политичка автономија како многу реално политичко решение за културниот и економскиот развој на угнетеното население во овие области“, додава тој.
„Многу често се заборава дека тој не се борел за независна држава, туку за автономија на неослободените земји, некогаш населени со разновидно население, претежно Бугари“, вели Димитров во интервјуто за БГНЕС, дијаметрално спротивно гледиште од тоа на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој на гробот на Делчев денеска изјави дека „неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, би ја нарекол епска“.