Македонија

Поранешна македонска ракометарка е професорката фатена во криминал со издавање лични документи

Сѐ било однапред договорено – со утврдени цени, рокови и распределени улоги – со што бил создаден паралелен, неформален систем за побрз пристап до јавни услуги, на штета на принципот на еднаков третман на граѓаните

Поранешна легендарна ракометарка од Скопје, двајца полицајци и еден пожарникар се осомничени дека примале поткуп од граѓани, на кои им овозможувале побрзо издавање на лични документи, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, четворицата осомничени во периодот од февруари до април 2024 година воспоставиле организирана шема за противзаконито посредување при издавање лични карти, пасоши и возачки дозволи, за што добивале финансиски надомест. Одделот за внатрешна контрола при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против М.С., полицаец (злоупотреба на службена положба и примање поткуп), П.П., полицаец во интервентна полиција (примање поткуп и противзаконито влијание), В.Р., наставник во средно училиште во Скопје (примање награда за противзаконито влијание) и А.С., пожарникар во Град Скопје (примање награда за противзаконито влијание).

Неофицијално, јавуваат дел од медиумите, осомничената В.Р. е поранешната ракометарка Валентина Радуловиќ, која е една од најдобрите во историјата на македонскиот ракомет со 220 настапи во жолто-црвениот дрес во кој постигна 813 голови.  Таа настапуваше за Кометал ЃП, а потоа и за австриски Хипо и данскиот тим Шлагелсе.

Како што информира МВР, таа заедно со пожарникарот наоѓале заинтересирани граѓани, од кои прибирале лични податоци и фотографии. Податоците биле проследувани до еден од полицајците, кој посредувал за забрзување на постапките, додека друг полицаец, како службено лице, ги извршувал административните дејствија.

Сѐ било однапред договорено – со утврдени цени, рокови и распределени улоги – со што бил создаден паралелен, неформален систем за побрз пристап до јавни услуги, на штета на принципот на еднаков третман на граѓаните. Од МВР наведуваат дека со ова осомничените се стекнувале со противправна имотна корист и најавуваат продолжување на постапката во координација со надлежното обвинителство.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Народот што ги чува своите корени, јазик и култура секогаш има иднина

На свечената академија присуствуваше македонска владина делегација во која беа и вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.

Мицкоски: Новите мерки против пушењето ќе важат за сите, без исклучоци и повластени

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новиот предлог-закон за пушење е подготвен по широк консултативен процес со сите засегнати страни и најави дека неговата примена ќе биде строго контролирана на целата територија на државата, без исклучоци и без повластени.

Нови финансиски детали: Колку заработува поранешниот премиер во егзил

Осудениот поранешен премиер Никола Груевски, кој веќе осум години живее во Унгарија, продолжува да остварува приходи преку својата приватна консултантска компанија, покажуваат официјалните финансиски податоци објавени од унгарскиот портал „444“.

To top