Работниците бараат минималец од 600 евра и покачување на останатите плати за 6.000 денари. Блокадите следуваат и покрај договорот на Владата со дел од синдикатите со кој над 10.000 административци ќе потпишат индивидуални договори за процентуално зголемување на платите секоја година.
- „Такви се ова речи ги политичарите. Како голубите. Како голубите се. Додека се доле на земја ти јадат од рака, ко ќе се качи горе ти кака на глава. Е такви се они“, велат работниците.
Револтирани, со остри пораки до политичарите, со свирежи и извици „лопови“ работниците ги пречекаа пратениците пред Собранието на најавената блокада од Сојузот на синдикатите на Македонија. Порачаа дека народот е на раб на егзистенција и ги повикаа политичарите да го слушнат гласот на народот.
Заменик-претседателот на ССМ, Иван Пешевски, потсети дека патните трошоци на пратениците, поделени на месечна основа, се повисоки од минималната плата на работник во приватниот сектор. Тој повтори дека ќе продолжат со блокадите на пратениците, Владата, министрите и работодавачите. Пешевски пред Собранието нагласи дека животот поскапил за 9.000 денари за две години и тоа се одразува на цените на пазарите. Оттука и нивното барање за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите други плати за 100 евра.
- „Нема економија и нема држава без работници. Нека се осмелат и нека ги стават своите барања на дневен ред, нека гласаат за нив ако сакаат да обезбедат уште еден мандат, ако не, ние ќе бидеме тука секој ден и ќе блокираме, сè додека не се чуе гласот на работникот“, рече потпретседателот на ССМ