Македонија

Бугарија штанца одбивања за регистрација на македонски здруженија, денеска рече уште едно „не“

Окружниот суд во Благоевград го одби Здружението на репресираните Македонци во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор

Окружниот суд во Благоевград денеска ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација за одбивање на барањето на Здружението на репресираните Македонци во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор, поднесено на 20 јануари годинава.

Судот се повика на уставни и правни аргументи, оценувајќи дел од целите на организацијата како „насочени против единството на нацијата“, објаснува претседателот на Градскиот комитет на ОМО „Илинден“ од Благоевград, Атанас Кирјаков-Војводата.

„Ова е ново поглавје во долгогодишната пракса на бугарските судови, кои од 1990 година систематски одбиваат да ги регистрираат македонските организации, често повикувајќи се на загриженост за територијалниот интегритет и единството на државата. Првиот таков случај е ОМО ‘Илинден’, одбиен веднаш по поднесувањето во 1990 година, иако Европскиот суд за човекови права (ЕСПЧ) подоцна утврди прекршување на правото на слобода на здружување. Од тогаш, десетици организации со македонска самоидентификација се соочуваат со истиот проблем.
Меѓународните институции, вклучително Советот на Европа, изразуваат загриженост дека Бугарија не ги почитува овие права, иако судовите во Страсбург повеќепати дале јасни препораки.
Одбивањето на регистрацијата го ограничува правото на здружување на Македонците во Бугарија, спречувајќи ги да функционираат легитимно и да ги застапуваат своите историски и културни интереси“, вели Кирјаков.

 

Најнови вести од: Македонија

To top