Фудбалерот на Сиетл саундерс од американската МЛС-лига, Даниел Дени Мусовски, дојде во Скопје за да поднесе барање за македонски пасош, кој му следува преку родителите Ѓорѓи и Силвана, со кое ќе може да ја засили репрезентацијата на Македонија во мартовскиот бараж со Данска за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.
„Моите родители беа премногу возбудени кога слушнаа дека ќе бидам повикан во македонската репрезентација. Тоа е нешто големо за мене, дел од мојата историја, дел од моите корени и нешто со што сум пораснал. Возбудувањето е големо, Светското првенство е во САД и дефинитивно ми се допаѓаат нашите шанси“, изјави 30-годишникот роден во Хендерсон, Невада, за подкастот на Фудбалската федерација на Македонија.
Мусовски игра на позициите крило и центарфор и во последната сезона во МЛС постигна 16 гола и запиша 5 асистенции. Заменувајќи го повредениот Џордан Морис, тој максимално ја искористи шансата, погодувајќи на пет натпревари во низа, а хет-трикот во победата над Канзас од 5:2 во август му го донесе признанието за играч на 30. коло.
Според „Трансфермаркт“, вредноста на Мусовски на фудбалскиот пазар во моментов е 2,5 милиони евра.
Во својот втор мундијалски бараж едноподруго Македонија ќе ѝ гостува на Данска на 26 март во Копенхаген. Ако победи, пет дена подоцна ќе игра на гости кај подобриот меѓу Чешка и Република Ирска за историско учество на планетарните шампионати.