Бизнис

Заедно со Министерството за транспорт ќе ги решиме проблемите на превозниците, смета стопанството

Од Асоцијацијата „Макам-транс“ велат дека активно учествуваат во процесот на изнаоѓање решение за проблемите со кои се соочуваат превозниците при престојот во шенген-зоната во преодниот период до целосно спроведување на новата стратегија за визна либерализација на Европската Унија. Посочуваат дека веќе има позитивни одговори од некои од институциите и коморите по чекорите што ги презедоа за поголемо лобирање за наоѓање решение и апелираат на што поголем заеднички ангажман од сите во оваа насока.

Активно учество во процесот на изнаоѓање решение со цел да се обезбеди непречено вршење на дејноста превоз во патниот сообраќај, со целосно почитување на меѓународните и европските правни стандарди и без дискриминација на професионалните возачи од нашата држава, велат од Асоцијацијата „Макам-транс“, кој периодов се соочува со низа проблеми.

  • Има реакции од Стопанската комора, од каде што има поддршка, од Американската стопанска комора, каде што, по првичната комуникација, испративме и дополнителни информации за нашите предлози за решението. Постојано имаме поддршка од Министерството за транспорт, очекуваме Министерството за надворешни работи и надворешна трговија да закаже состанок со амабасадорите. Има одговори и од некои од амбасадите до кои се обративме да ни укажат какви визи постојат за професионалните возачи за влез на територијата на шенген-зоната – изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макам-транс“.

По состанокот од минатата недела (11 февруари) на работната група на претставниците од шесте држави од Западен Балкан со тие од шенген-зоната, нов состанок според најавите треба да се одржи на 23 февруари.

На состанокот на работната група на 11 февруари од претставниците на шесте држави од Западен Балкан биле побарани технички показатели, како број на возачи, превозници…  и по консултациите во рамките на шенген-зоната ќе се одржи нов состанок за наоѓање соодветно решение за преодниот период до целосно спроведување на новата стратегија за визна либерализација.

  • Во дополнетата стратегија за визна либерализација на ЕУ првпат се признава дека професионалниот возач е лице што врши дејност и треба да биде третирано соодветно, односно да има можност за подолг престој од 90/180 дена исто како екипажите во другите видови транспорт – потенцираат од „Макам-транс“.

Како дел од конкретните чекори за поголемо лобирање, „Макам-транс“ испрати официјален допис до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со барање за институционална поддршка преку организирање средба со сите амбасадори на државите членки на шенген-зоната, кои имаат амбасади во нашата држава, со покана и до амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, и претседателот на Комората за странски инвестиции.

Испратени се и барања до амбасадите на земјите членки на шенген-зоната во нашата држава за добивање информации за поднесување барање за добивање посебна виза за професионалните возачи за подолг престој во нивната држава, односно со можност да важат и за сите држави од шенген-оната. Освен до стопанските комори, испратени се и дописи до Организацијата на работодавачите, до застапникот од Федералниот секретаријат од Белгија за секторот Патен транспорт и логистика и до превозниците за обезбедување поширока поддршка преку нивните соработници од земјите на шенген-зоната. Исто така, и до делегацијата на Европската Унија во државата со барање за воспоставување услови за преодно решение до целосна имплементација на новата стратегија во согласност со Спогодбата за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ.

„Макам-транс“ укажува дека целта е да се обезбедат услови и во преодниот период за непречено вршење превоз на стока и патници на територијата на ЕУ, без неправедни ограничувања и дискриминаторни постапки во согласност со Спогодба за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ во 2001 година и сите билатерални спогодби од областа на патниот превоз.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески вчера порача дека бизнис-секторот и Kомората ќе ја продолжат битката за транспортните компании за трајно решение за престојот на превозниците во шенген-зоната.

Азески нагласи дека неразбирливо е земја шр=то доброволно се стреми кон членство во Европската Унија да се соочува со санкции и ограничувања.

  • Ако некој го ограничува движењето на луѓето и на стоките, тогаш го прави најголемото злосторство што може да постои, да те затвори самиот во себе, каде што не можеш да просперираш и да видиш, да се споредеш со другите – рече Азески истакнувајќи дека треба да се отворат сите порти и оти редиците камиони на граничните премини ги има само на Балканот, и тоа во должина по три-четири километри.

Министерството за транспорт вчера соопшти дека во координација со Европската комисија се работи на трајно решение во врска со престојот на превозниците во шенген-зоната, како и дека ресорните министерства изминатиот период се во интензивна комуникација со ЕК со цел да се изнајде решение за проблемот.

Посочија дека се во постојана комуникација и со превозниците и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамките на новата визна стратегија што ја промовира Европската Унија, каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци, како и можностите за друг вид визи.

  • Би сакале да потенцираме дека е најавено одложување на примената на ЕЕС-системот и дека активно сите фактори работат на решавање на овој проблем. Дијалогот со Европската комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската комисија. Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение, кое е прифатливо за сите страни. Како Министерство, апелираме да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации, кои може да му наштетат на дијалогот, особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение – соопшти Министерството за транспорт.

Превозниците од регионот од 26 до 29 јануари организираа блокади на граничните премини со барање да се реши проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи. Блокадите беа прекинати по одлуката на Европската комисија за нова стратегија за визи со која ќе бидат опфатени професионалните возачи

Најнови вести од: Бизнис

Државната помош не смее да е товар на јавните финансии, туку инвестиција во одржливиот раст

Во државава недостига централизирање на државната помош, таа се води во разни институции, а тоа го отежнува управувањето со овие пари. Затоа е неопходно брзо да се направи централен регистар за државна помош, со широка палета програми што се нудат и на тој начин не само што ќе се подигне транспарентноста, туку и ќе може подетално да се мерат ефектите од таа помош.

(Фото): Работник со минималец од 400 евра, заработува за газдата 4.700 евра, тврдат Синдикатите

Добар ден на сите освен на министрите во Владата, порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, од протестот пред Владата на кој ги повтори барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

Наскоро почнува засилена автентификација со биометриски податоци при платежни трансакции

Македонската банкарска асоцијација информира дека во согласност со Законот за платежните услуги и платните системи, со кој во националното законодавство е транспонирана директивата (ЕУ) 2015/2366 за платежни услуги на внатрешниот пазар (PSD2), од 1 март 2026 година почнува примената на засилена автентикација на корисниците (Strong Customer Authentication – SCA) при извршување одредени платежни трансакции.

Цената на златото продолжува да паѓа

Цената на златото денеска забележа пад од повеќе од два проценти, под влијание на намалената ликвидност поради празниците на главните пазари, намалените геополитички тензии и зајакнатиот американски долар, кој го зголеми притисокот врз скапоцените метали.

Нема субвенции за сите земјоделци, се заоструваат правилата – Министерството го стега „каишот“

Земјоделците се загрижени по најавата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, дека во новата програма е предвидена и минимална површина од 0,5 хектари како услов за остварување право на финансиска поддршка. Тој најави засилени контроли во текот на оваа година, со цел државните средства да завршуваат кај земјоделците што реално придонесуваат за економијата и за развојот на руралните средини.

Колку македонскиот работник е продуктивен дома и во странство?!

Ќе ја подгрее ли инфлацијата саканата минималната плата од 600 евра?! Ќе има ли повисоки цени во маркетите?! Економистите велат, примамливо звучи примањата да се зголемат за 50%, но доколку не е покрепено со зголемана продуктивност, тоа не може да помине без ефекти во економијата.

(Фото): Македонското вино во трка за квалитет – индустрија под притисок од дома и од светот

Дополнителен предизвик е структурата на самиот извоз. Историски, значаен дел од македонското вино се пласира поевтино како рефус или во цистерни, во т.н. „bulk“ модел. Тоа обезбедува обем и полесен пласман, но нема препознатливост и повисока додадена вредност. Преминот кон извоз на флаширано, брендирано вино е процес што трае и не зависи само од желбата на производителите, туку и од инвестиции, маркетинг, конзистентен квалитет и јасна национална приказна. Без тоа, земјата останува „позадински“ снабдувач, додека брендовите и маржите се создаваат на други адреси.

Најнови вести

To top