Екс-директорите на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, остануваат зад решетки откако Кривичниот совет денеска го одби предлогот на одбраната за нивно пуштање на слобода. Иако адвокатите понудија имотна гаранција во вредност од над 350.000 евра, судијката Славица Наумова-Јосифовска пресече – околностите не се променети и сè уште постојат причините поради кои беше одреден притворот.
Дополнително, судот појасни дека во оваа фаза од постапката нема надлежност да одлучува за понудената гаранција, упатувајќи ги странките на Советот кој го потврдил обвинението. Со ова, двајцата клучни обвинети во предметот „Онкологија 2“ продолжуваат да ја чекаат правдата од истражниот затвор. Во образложението за одбиениот предлог за укинување на мерката притвор судијката Славица Наумова-Јосифовска на денешното рочиште наведе дека не се измениле околностите во постапката за да може да се применат поблаги мерки.
- Не се прифаќа предлогот на одбраната во оваа фаза од постапката да биде укината мерката притвор и заменета со куќен притвор со оглед дека нема променети околности што укажуваат дека истата цел поради која била определена мерката притвор може да се постигне и со поблага мерка, односно смета дека сѐ уште опстојуваат причините поради кои мерката притвор е определена, а потоа продолжена само во согласност со член 165, став 1 точка 1 од ЗКП во однос на двајцата обвинети дотолку повеќе што кривичниот совет на судот на секои 30 дена ја испитува потребата од негово продолжување-рече судијката.
Во однос на понудената имотна гаранција, судот појасни дека нема надлежност да одлучува за гаранција во оваа фаза од процесот.
- Согласно одредбата од член 154 од ЗКП надлежноста за носење за решение на гаранција по потврдување на обвинителниот акт е на советот од член 25 став 5 од ЗКП, па оттука, судечкиот совет нема овластување согласно ЗКП за носење решение са гаранција во текот на постапката, меѓутоа странките не го губат правото ваков предлог повторно да изнесат пред судечкиот совет-дополни таа.