Бизнис

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 339,3 милиони евра, извоз од 221,6 милион евра и со консолидирана нето-добивка од 29,2 милиони евра во периодот јануари – декември 2025

Најголемата фармацевтска компанија во земјава „Алкалоид“ АД Скопје ги објави финансиските резултати за работењето минатата година

Најголемата фармацевтска компанија во земјава „Алкалоид“ АД Скопје ги објави финансиските резултати за работењето минатата година, со кои се потврдува како едно од најзначајните акционерски друштва кај нас.  Во продолжение интегралниот извештај кој е доставен до Македонската берза.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2025 година продажбите достигнуваат 13.837.976.447 денари, што е за 3 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 20.899.116.085 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20 % во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18 %, а на другите пазари е остварен 1 %  од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Шведска и Австрија, каде што се зголемени 4-пати, потоа во Холандија, каде што се зголемени 3-пати, како и во Јужна Африка и Казахстан  каде што продажбите се зголемени 2 пати. Потоа следуваат оние во Финска (раст од 53%), Ирска (раст од 35 %), во Португалија (раст од 32 %), Грција (раст од 23%), Ерменија (раст од 22 %), Полска (раст од 18 %), во Германија (раст од 14 %), итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст од 11 % кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство  се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година.

Инвестиции 

Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност. Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, во 2025 беше пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет која има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2025 година изнесуваат 1.112.882 илјади денари.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 3.393.013.158 денари, бележи зголемување од околу 18 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.984.231.174 денари и е зголемена за 17 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 3.594.356.875 денари и бележи раст од 20 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.795.766.435 денари е зголемена за 7 %.

Одговорност кон локалната заедницата

Во рамки на својот континуиран придонес кон заедницата, АЛКАЛОИД АД Скопје заедно со капитално поврзаните друштва лоцирани во земјата во 2025 година оствари значајни економски влијанија преку редовна исплата на даноци и други давачки кон државата во износ од 1.965.720 илјади денари, вложувања во своите вработени во износ од 2.119.678 илјади денари, исплата на дивиденда во износ од 784.441 илјади денари, поддршка преку донации, спонзорства и стипендирање во износ над 226.953 илјади денари како и соработки со над 1.950 домашни добавувачи со остварен промет од 3.231.879 илјади денари. Овие показатели ја потврдуваат долгогодишната ориентација на компанијата кон одговорно работење, стабилен развој и силна поддршка на домашната економија и пошироката заедница.

Вработени

Во периодот јануари – декември 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 54 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.018 вработени, од кои 2.234 се во земјава, а 784 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.468,23 денари за една акција, што претставува раст од 22,76 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 31.12.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.464 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 35,8 милијарди денари.

На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.

Бизнис-план за 2026 година

Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит во однос на 2025 година.

Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.

Најнови вести од: Бизнис

Предлог-законот за минималната плата не ја помина матичната собраниска комисија

Законските измени за раст на минималната плата на 600 евра, кој ги предложи СДСМ не поминаа на матичната Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, ниту на законодавно – правната. Не помина ниту предлогот за трипартитен дијалог, односно јавна расправа пред пратениците во Собранието меѓу работодавачите, синдикатите и Владата.

Почнува процесот за враќање на парите од солидарниот данок

Компаниите од кои државата наплати солидарен данок во време на криза, веќе идниот месец ќе ја добијат првата рата од повратот на средствата. Претходно треба да поднесат барање за поврат до Управата за јавни приходи. Од Министерството за финансии информираат дека постапката официјално е почната.

(Видео): Значително зголемен интерес за СЕПА-плаќањата од страна на компаниите и граѓаните

Граѓаните умерено предничат во однос на компаниите во користењето на услугите преку СЕПА, при што над 60% од нивните плаќања во евра се извршуваат преку СЕПА. Кај бизнис-секторот, најмногу ги користат извозно-увозните компании коишто имаат редовни трансакции со партнери во Европската Унија. Речиси половината од плаќањата во евра на домашните компании кон земјите членки на СЕПА веќе се вршат преку СЕПА.

Европскиот парламент сака пауза во спроведувањето на трговскиот договор со САД

Европската комисија побара објаснувања од Вашингтон. Врховниот суд на САД, претходно, го прогласи поголемиот дел од царините воведени од Трамп за незаконски. Трамп, сепак, најави нови вонредни царини. Тој во петокот зборуваше за десет проценти царини на стоки од целиот свет, а во саботата за 15 проценти.

(Видео): Се создаваат услови знаењето да се претвори во иновации и работни места, вели премиерот

Со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, Владата најавува засилен фокус кон економијата базирана на знаење и иновации. На конститутивната седница, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Советот ќе биде инструмент на стратешка промена, преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат двигатели на економскиот раст.

Важно за Македонците: Германија стопираше 18.000 барања за работа поради исцрпена квота

Економски аналитичари посочуваат дека германскиот пазар на трудот сѐ уште има потреба од работна сила, особено во здравството, градежништвото и во услужниот сектор, но додаваат дека трошоците за живот, кои растат побрзо од платите кај пониско платените работници, особено ги погодуваат мигрантите, кои стартуваат од пониски позиции и без сопствен имот.

Како ЕУ планира да „удри“ врз Доналд Трамп за новата одлука со царини?!

Брисел може да го активира и т.н. Анти-присилувачки инструмент, кој овозможува ограничувања во пристапот на американски компании до јавните набавки во ЕУ или воведување дополнителни финансиски мерки. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека Европа останува отворена за дијалог, но нема да дозволи еднострани мерки што ја нарушуваат рамнотежата на глобалната трговија.

Најнови вести

To top