Колумни

„НМ“: Македонија треба да изгради меѓународно „Правно досие за ништовност“ на „Преспанскиот договор“ како криминално изнуден акт (3)

Весникот „Нова Македонија“ во својата анализа со наслов „Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор“ го анализира, исто така, и прашањето: пред кои тела Македонија може да ја оспори Преспанската спогодба?

Натаму овој весник наведува: Оспорувањето меѓународен договор е сложен правен процес, бидејќи суверените држави се примарни актери во меѓународното право. Сепак, како што наведуваат познавачите на меѓународното право, постојат неколку клучни инстанци и правни механизми каде што може да се отвори прашањето за ништовност, поради корупција, измама, или присила. Врз основа на Виенската конвенција за договорно право (членови 49, 50 и 51), тие телата и патиштата за дејствување се:

1.Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, највисокото судско тело на Обединетите нации

Македонија веќе доби еден судски спор пред овој суд во 2011 година, а Грција ја игнорираше пресудата. Сепак, земјава повторно може да поднесе тужба против Грција, ако постои спор околу толкувањето, или валидноста на договорот. Ако се докаже дека согласноста за Преспанскиот договор била изнудена преку корупција на државни претставници (член 50 од Виенската конвенција), МСП има надлежност да го прогласи договорот како ништовен.

2. Обединетите нации (Генерално собрание и Секретаријат)

Експертите понатаму посочуваат дека Преспанскиот договор е потпишан под покровителство на ОН и е регистриран во Секретаријатот на ОН, тој е дел од нивната архива, така што Македонија може официјално да го извести генералниот секретар на ОН дека го оспорува легитимитетот на договорот, поради новооткриени докази за корупција и умисла (како документите на ЦИА). Правната комисија (Шеста комисија) на Генералното собрание на ОН се занимава со меѓународноправни прашања и може да иницира студии или препораки.

3. Специјални меѓународни арбитражи

Многу договори предвидуваат арбитражни комисии за решавање спорови. Ако двете страни се согласат (или ако е предвидено во самиот договор), може да се формира ад хок меѓународен арбитражен трибунал, што ќе ги испитува фактите за евентуален поткуп и ништовност на договорот.

4. Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)

Иако ЕСЧП првенствено решава индивидуални човекови права, државите можат да поднесуваат т.н. меѓудржавни жалби. Македонија може да ја образложи основата за поднесокот пред ова тело така што ќе докаже дека коруптивниот договор довел до кршење на колективните права (на пример, правото на самоопределување или политички права), ова тело може да биде платформа за политички и правен притисок.

5. Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ)

Ова тело ја надгледува Конвенцијата на ОН против корупција (УНЦАЦ). Иако не може директно да поништи договор, ова тело може да спроведе меѓународна истрага за финансиските текови и за поткупот. Наодите од ваква истрага би биле клучен доказ во процесот пред Меѓународниот суд во Хаг.

За да биде успешно оспорувањето, експертите советуваат Македонија како држава да изгради „Правно досие за ништовност“, кое би содржело документирана умисла: извештаите на ЦИА за обидот во 1992 година (како доказ за методологијата на другата страна). Финансиски докази: траги од пари или сведоштва за корупција при процесот во 2018 година. Политичка волја: Собранието на Македонија треба да донесе резолуција со која ќе ги задолжи институциите да го започнат овој процес. Експертите констатираат дека меѓународното право ретко поништува договори, откако тие веќе почнале да се применуваат („rebus sic stantibus“), но корупцијата е еден од ретките апсолутни основи за ништовност каде што не важи застареност, ако се докаже дека согласноста била криминално изнудена, заклучува „Нова Македонија“ во својата спомената анализа.

Приредил за објава: Свето Тоевски

(крај)

 

 

Најнови вести од: Колумни

„Н.М“: Грција го „купи“ името „Македонија“ од инсталираната власт со коруптивен „Преспански договор“, што ја урива неговата легитимност! (2)

Весникот „Нова Македонија“ во својата анализа од 6 март 2026 година со наслов „Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор“ пишува дека коруптивните механизми не се само теоретска претпоставка, туку долгогодишна стратегија во спорот за името Македонија. Ова го потврдуваат и неодамна декласифицираните документи на американската централна разузнавачка служба (ЦИА). Според документ на ЦИА од 6 ноември 1992 година, објавен во нивната дигитална библиотека (ФОИА) во јануари оваа година, уште на почетокот на независноста постоел обид за директно „купување“ на името. Во извештајот јасно е наведено дека тогашниот претседател Киро Глигоров одбил понуда од грчки функционери во висина од 100 милиони долари финансиска помош, како услов за промена на името на државата.

Четири додавки во името на македонската држава и промена во „Северна Македонија“ спротивно на историските и политичките околности (1)

Во повоената политичка историја имало неколку додавки во името на македонската држава Република Македонија, кое е, пред сѐ, генеричко, а дури потоа уставно име. Додавките се вршеле, пред се, заради одразување на карактерот на тогашното државно уредување.  Што значи дека во строга правно-терминолошка смисла не се работело за менување на името Македонија. Промената во „Северна Македонија“ , согласно со „Преспанскиот договор“ е промена на името на македонската држава, прва извршена во нејзината повоена политичка и државно-правна историја.

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

To top