Тешка кражба на електрична енергија во вредност од повеќе од 56.000 евра беше откриена во станбено-деловен објект на улицата „Браќа Миладинови“ во Тетово, соопшти „Електродистрибуција“.
Контролниот тим на компанијата задолжен за откривање неовластено користење на струја утврди дека во објектот, во кој работат ресторан, спа-центар, фитнес-центар и салон за убавина, постои нелегален приклучок на електричната мрежа.
Струјата била крадена преку специјално изработена подземна шахта, од каде што бил направен директен илегален приклучок на нисконапонски кабел од дистрибутивната мрежа.
„При контролата беше откриен систем за неовластено користење електрична енергија преку специјално изработена подземна шахта. Со тоа бил овозможен директен приклучок на кабелски вод од дистрибутивната мрежа“, информираат од „Електродистрибуција“.
Ваквите случаи, според компанијата, претставуваат сериозно кривично дело и предизвикуваат значителна финансиска штета за целиот електроенергетски систем.
Против одговорните лица се преземени сите законски мерки: поднесена е кривична пријава до полицијата, а изготвена е и фактура за надомест на причинетата штета во износ од 3.459.428 денари (повеќе од 56.000 евра).
Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи и се води постапка за кривично дело според член 235-а од Кривичниот законик на Република Северна Македонија (неовластено користење на електрична енергија во поголеми размери).
„Електродистрибуција“ нагласува дека борбата против кражбата на струја останува врвен приоритет и дека интензивните контроли ќе продолжат и во наредниот период, особено во објекти со висок ризик од злоупотреба.