Овој апелациски судија доспеа во центарот на вниманието на најшироката општествена јавност, откако во домот на неговите родители во Неготино беа пронајдени околу 350.000 евра заѕидани во кујна. Потоа против него е отворена истрага.
Работна група на Судскиот совет при вонреден увид утврдила пречекорување на законските рокови, неоправдани одложувања на јавни седници и ситуации во кои обвинетите подолго останувале во куќен притвор поради одложувања на постапките. Во еден случај, објавувањето на пресудата било одложено за 62 дена по завршувањето на расправата, што претставува прекршување на Законот за кривичната постапка.
Во извештајот беше посочен и предметот „Спец каса“, кој бил пред Апелациониот суд година и половина. За тој период биле закажани 16 јавни расправи. На крајот настапила апсолутна застареност на 30 декември 2025 година. Во друг предмет застарувањето било избегнато само поради итното постапување на Врховниот суд.