Европската народна партија (ЕНП) побара вонреден состанок на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за да ја сослуша комесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос.
Сослушувањето би можело да се одржи уште следната недела и ќе се фокусира на сериозните обвинувања дека таа ги довела во заблуда европратениците за време на нејзините сослушувања во 2024 година, како и дека постои судир на интереси во водењето на досието за проширување на Западен Балкан.
Потпретседателката на групата на ЕНП во Европскиот парламент, Романа Томц (и таа од Словенија), го формулира ставот на партиската група во изјава за ЕУ-лајв:
„Сакаме Марта Кос да објасни зошто ги довела во заблуда членовите на Европскиот парламент за време на нејзиното сослушување во 2024 година. Постојат основани сомневања дека комесарката има судир на интереси поради нејзиното минато. Таа мора да одговори на голем број прашања за да го заштити сопствениот углед и угледот на Европската комисија.“
Извори од ЕНП нагласуваат дека нема да биде дозволено понатамошно одложување, бидејќи случајот повеќе не е само внатрешно политичко прашање за Словенија, туку директно влијае на довербата во европските институции и на кредибилитетот на процесот за проширување.
Канцеларијата на комесарката Кос одби да коментира за претстојното сослушување, повторувајќи дека „сите релевантни прашања беа одговорени за време на постапката на именување“.
Европската комисија, исто така, не даде официјален став, што ги зголемува критиките дека претседателката Урсула фон дер Лајен го брани сопствениот политички избор.
Обвинувањата се засноваат на архивски документи од Словенечката служба за државна безбедност (СДБ) од крајот на 1980-тите, објавени од истражувачот Игор Омерза во книгата „Комесарот“.
Документите содржат оперативни активности со кодните имиња „ТАРА“ и „БЛАНКА“, кои наводно се однесуваат на Марта Кос.
Материјалите опишуваат линија на работа поврзана со нејзиното назначување во Дојче Веле во Келн и последователните контакти со службите, вклучувајќи конкретни датуми, задачи и описи на активностите.
На македонската јавност Марта Кос ѝ остана во сеќавање најмногу по изјавата дека „никој не може да ни го земе идентитетот, како што не може да ни го земе гравчето, ајварот, полнетите пиперки“, кои, според неа, биле дел од македонскиот идентитет.
Пратениците од различни политички групи неофицијално признаа дека назначувањето било брзо извршено без темелна проверка на позадината на Кос пред 1991 година. АФЕТ сега треба да одлучи дали ќе го закаже сослушувањето и во каков формат ќе се одвива – дали со јавно или затворено рочиште.