Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека „масовно ќе го разнесе“ иранското гасно поле „Јужен Парс“, најголемото наоѓалиште на природен гас во светот, откако Техеран ги нападна капацитетите за течен природен гас (ЛНГ) во Катар.
Зголемените напади на Техеран се одговор на нападот на Израел.
Според Трамп, САД „не знаеле ништо“ за израелскиот напад на гасно поле, но според „Тајмс оф Израел“ Израел ги координирал со САД нападите против него.
Според извори, американскиот претседател го одобрил нападот во обид да изврши притисок врз Техеран да го отвори Ормутскиот теснец.
Од своја страна, иранската Исламска револуционерна гарда соопшти дека е подготвена да ја уништи нафтената и гасната индустрија на земјите од Персискиот залив, доколку нејзиниот енергетски сектор повторно биде погоден од Израел или САД, пренесе АФП.
„Уште еднаш ве предупредуваме дека направивте голема грешка со нападот на енергетската инфраструктура на Исламската Република и веќе се преземаат одмазднички мерки“, се вели во соопштението на Корпусот на гардата на Исламската револуција што го пренесоа иранските медиуми.
„Доколку тоа се случи повторно, натамошните напади врз вашата енергетска инфраструктура и инфраструктурата на вашите сојузници нема да престанат додека таа целосно не биде уништена, а нашиот одговор ќе биде многу поостар од денешните напади“, откри АФП.
Како резултат на заканите по енергетската инфраструктура на Блискиот Исток, цените на нафтата на светските пазари вчера повторно скокнаа, достигнувајќи 110 американски долари за барел.