Соединетите Американски Држави најавија привремено ублажување на санкциите за иранската нафта која веќе се наоѓа во транспорт по морски пат, во обид да се стабилизира глобалниот пазар на енергенси и да се ублажи ценовниот шок предизвикан од кризата на Блискиот Исток. Американското Министерство за финансии соопшти дека ќе бидат дозволени продажбата, испораката и истоварот на сурова нафта и нафтени деривати од иранско потекло, доколку тие биле натоварени на бродови заклучно со 20 март. Оваа привремена мерка ќе важи до 19 април.
Министерот за финансии Скот Бесент најави ваков потег уште претходно, објаснувајќи дека целта е да се искористат постојните количини на иранска нафта за да се задржат цените под контрола во наредните 10 до 14 дена.
- „Ќе ги користиме иранските барели против Иран за да ги задржиме цените ниски“, изјави Бесент, посочувајќи дека станува збор за околу 140 милиони барели кои веќе се наоѓаат на море.
Овој чекор доаѓа во момент кога глобалните енергетски пазари се под силен притисок поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањето на транспортот низ Хормушкиот теснец – една од најважните нафтени артерии во светот.
САД и претходно презедоа сличен потег, дозволувајќи привремено купување на руска нафта која била во транзит, со цел да се зголеми понудата и да се спречи дополнителен раст на цените.
Иако мерката е временска и ограничена, таа претставува јасен сигнал дека Вашингтон е подготвен на прагматични отстапки на енергетски план, дури и кон држави под санкции, доколку тоа значи стабилизација на глобалниот пазар и заштита од нов ценовен шок.